Не излегувајте без маска – Скопје и утрово меѓу најзагадените градови
Загадениот воздух од синоќа ја зафати македонската метропола при што загаденоста продолжи и утринава.
Според податоците на интернет страницата IQAir од 6 часот утринава Скопје е на 9-то место во светот според загаденоста на воздухот. Измерениот индекс на загаденоста е 156, што повлекува предупредување дека воздухот е нездрав за дишење.
Препораката е да се носи заштитна маска, да не се спортува надвор, а во домовите да не се отвораат прозорците.
Најголемо е загадувањето со штетните ПМ2,5 честички, со концентрација од 65,6 микрограми на кубен метар воздух.
Скопје и синоќа беше мошне загаден. Околу 22 часот индексот на загадувањето беше 174, а воздухот е оценет како штетен.
Во главниот град беа измерени 100 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички, што, според „Ај-кју-ер“ е 20 пати поголема концентрација на оваа честичка од годишната вредност на упатството за квалитет на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО).