Нетанјаху: Отстранување на раководството на Хамас би ја отстранило пречката за договор за Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оцени дека отстранувањето на лидерите на Хамас кои живеат во Катар ќе ја отстрани последната пречка за ослободување на сите заложници и крај на војната во Газа, пренесуваат агенциите.
Израел го гаѓаше раководството на Хамас во Доха со воздушни напади, кои ги осуди Катар, еден од посредниците во мировните преговори.
Хамас соопшти дека петмина негови членови, вклучувајќи го и синот на протераниот лидер Калил ал Хаја, биле убиени во нападот, но дека високи лидери и членови на преговарачкиот тим преживеале. Катар соопшти дека е убиен и член на неговите внатрешни безбедносни сили.
„Терористичките шефови на Хамас во Катар не се грижат за народот во Газа. Тие ги блокираа сите обиди за примирје со цел да ја продолжат војната на неодредено време“, напиша Нетанјаху на социјалната мрежа Икс.
Хамас ги опиша нападите во Доха како обид на Израел да ги попречи мировните преговори и рече дека нема да ги промени условите на групата за завршување на војната во Газа.
Израел побара од Хамас ослободување на сите преостанати заложници што ги држи во Газа, како и разоружување. Хамас вели дека нема да ги ослободи сите заложници без договор за завршување на војната и дека нема да се откаже од оружјето сè додека Палестинците не добијат независна држава.