Нетанјаху бара „целосна демилитаризација на Јужна Сирија“
Израел бара „целосна демилитаризација на Јужна Сирија“ и нема да толерира распоредување на силите на новата сириска фактичка влада јужно од Дамаск, изјави во неделата израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Нема да дозволиме силите на организацијата ХТС (радикалната исламистичка фракција Хајат Тахрир ал-Шам, која го собори претседателот Башар ал Асад на 8 декември) или новата сириска армија да влезат во зоната јужно од Дамаск“, рече тој за време на говорот на церемонијата за унапредување на офицерите во Холон, централен Израел.
„Бараме целосна демилитаризација на Јужна Сирија, вклучително и провинциите Кунеитра, Дара и Свеида“, додаде тој во говорот, што директно го пренесуваа израелските телевизиски мрежи.
По падот на поранешниот претседател Асад, Израел распореди војници во претходно демилитаризираната зона во Голанската висорамнина, во Југозападна Сирија, на границата на нејзиниот дел окупиран од Израел од војната во 1967 година и анектиран во 1981 година, во подножјето на планината Хермон.
-Израелските вооружени сили „ќе останат во областа на планината Хермон и неговата околина на неодредено време за да ги заштитат нашите заедници и да се спротивстават на каква било закана – рече Нетанјаху во Холон.
Израел, кој со недоверба гледа на новите власти во Сирија, по падот на режимот на Асад започна стотици воздушни напади врз постројките на сириската армија, особено против воздушната одбрана, па дури и магацините за хемиско оружје, тврдејќи дека не сака овој арсенал да падне во рацете на новите власти.
За време на војната во Сирија, која започна за време на владеењето на Башар ал-Асад во 2011 година, Израел изврши стотици напади, главно од воздух, врз позициите на сириската армија и нејзините сојузници, пред сè Хезболах од Либан и Иран.