Нема да има евтина струја од 1 јули, Бислимовски вели дека ЕВН не може да постигне со броилата
Евтина попладневна струја нема да има од 1 јули затоа што универзалниот снабдувач нема време да ги подеси броилата. Ова денеска го најави Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторна комисија за енергетика.
Проблем е прилагодувањето на броилата, поради што ЕВН бара повеќе време од вообичаените три месеци, поради комплицираноста од воведените тарифи.
-Евтината тарифа сигурно ќе биде воведена. Ги правиме сите анализи, имаме сериозно разидување со операторот во однос на времето кога тие може да стартуваат со имплементација на евтината тарифа. Наша цел е што повеќе граѓани во ист момент да ја користат евтината тарифа да нема поплаки. Тоа се работи што ги разговараме и ќе мора да ги завршиме кон почетокот на следната недела, рече Бислимовски.
Тој додаде дека прилагодувањето на броилата го врши странска компанија и ЕВН бара време да се заврши. Проблематични се броилата кои не можат од компјутерскиот систем да се сетираат. Компјутерски требаат по две минути за едно дигитално броило, додека останатите се сетирааат рачно.
Поради тоа, многу веројатни се прогнозите дека цената на струјата минимално ќе се зголеми, а придобивките од воведувањето на евтината тарифа во текот на денот, ќе ги почувствуваме подоцна во текот на годината.