Актуелно

Неизвесен составот на техничката Влада

На 28-ми јануари се очекува да се формира техничката Влада, на чело со Талат Џафери, но засега е неизвесен нејзиниот состав. Она што е сепак познато е дека на позицијата собраниски спикер, Џафери најверојатно ќе биде заменет од страна на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески. Гласањето за новиот претседател на Собранието, како што информираа социјалдемократите, би се случило наредниот месец.

Инаку, останува непознато дали ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати да учествува во техничката Влада, која се занимава со подготовка на изборите. Од опозициската партија најавија дека за оваа тема партиските органи ќе одлучуваат наредниов период. Сепак, се наметнува прашањето која е веројатноста да прифатат да учествуваат во Влада во која претседател би бил Џафери, со оглед на секојдневните обвинувања за кандидатот на ДУИ за технички премиер. На ВМРО-ДПМНЕ би им следувале министерските позиции за внатрешни работи, труд и социјала, како и неколку заменици министри.

„СДС и Ковачевски прифаќаат и поддржуваат премиер да биде лице кое ги крши собраниските процедури, Деловникот за работа на Собранието, и го користи европското знаменце само кога треба да се донесе закон кој е во интерес само на помала група на луѓе блиска до ДУИ. ДУИ целосно се криминализира изминатите шест години. ДУИ ги избрка и Македонците и Албанците од Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според СДСМ, евентуалното неучество на ВМРО-ДПМНЕ во техничката Влада би било барање на алиби за, како што велат, поразот на изборите.
„Нема да дозволиме Мицкоски да најде алиби за изборните порази кои му претстојат“, рече Дарко Каевски – портпарол на СДСМ.

Од СДСМ денеска одговорија и на изјавата на потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, дека наредна мисија на партијата е претседател на државата – Албанец. Социјалдемократите очекуваат нивниот кандидат на претстојните претседателски избори да биде поддржан од целата коалиција.

„Во однос на изјавата, првенствено граѓаните одлучуваат на избори на кого ќе му ја дадат довербата, без разлика на етничката, верска или било која друга припадност. Во многу наврати кажавме дека кандидатот предложен од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, на следните избори, заеднички со целата коалиција, односно поддржан од целата коалиција, ќе биде победник на тие избори“, нагласи Дарко Каевски – портпарол на СДСМ.

Првиот круг од претседателските избори, по претходно постигнатиот меѓупартиски договор, се очекува да се одржи на 24 април, а вториот круг на осми мај. Истиот ден ќе се гласа и за избор на нов парламентарен состав. Претходно Џафери истакна дека осми мај е критичен датум, бидејќи инаугурацијата на новиот претседател би требало да се случи на 12-ти мај, а во меѓувреме би течел и рокот за евентуални поплаки и жалби за изборниот процес. Доколку инаугурацијата на новиот претседател од оваа причина се одолговлечи неговата функција ја презема првиот човек на Собранието. Според планот на владејачката коалиција, тоа би бил актуелниот пратеник Јован Митрески.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons