Негативните мисли го зголемуваат ризикот од деменција
Кај луѓето кои често размислуваат негативно во подоцнежниот живот, може да има пад на когнитивните способности и поголемо таложење на два штетни протеини кои доведуваат до појава на Алцхајмерова болест, се вели во резултатите од неодамнешната студија спроведена од британски научници.
Според нивната теза, навиките како што се негативното размислување за минатото и грижата за иднината, според тоа, можат да бидат уште еден фактор на ризик за деменција, според Си-Ен-Ен.
Во истата студија, откриено е дека депресивните и вознемирените луѓе подлежат на поизразен пад на когнитивните способности во споредба со луѓето кои не се, што се совпаѓа со наодите на некои претходни студии.
Сепак, измерените нивоа на протеини наречени тау и амилоид, кои се одговорни за појава на Алцхајмерова болест, не биле повисоки кај луѓето кои веќе страдале од депресија и вознемиреност, што доведува до претпоставка дека честите негативни мисли се главната причина поради кои депресијата и вознемиреноста придонесуваат за Алцхајмерова болест, но истражувачите велат дека се потребни дополнителни истражувања за да се донесе конкретен заклучок.