МакедонијаНајново

На Скопје му фалат дневно до 200 автобуси за редовен превоз, приватните превозници бараат состанок 

Приватните превозници во Град Скопје „Јофи Бус“, „Вестор Транс“, „Радос Компани“ денеска преку соопштение апелираат до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз. Деновиве во главниот град е хаос со јавниот градски превоз. Автобуси нема, учениците доцнат на часови, а граѓаните на работните места и секој се снаоѓа како знае и умее. Според неофицијални информации претпријатието нема нафта за автобусите. Официјални информации од ЈСП за проблемите со превозот нема.

„Сведоци сме на состојбата со јавниот градски превоз во Градот Скопје која се влошува од ден на ден. Повторно упатуваме јавен апел до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз. Приватните превозници располагаат со 200 автобуса кои не се максимално искористени и со кои можеме да го надополниме недостатокот на автобуси на ЈСП“, се вели во соопштението на приватните превозници.

Според нив, за да биде во целост исполнет зимскиот возен ред по одлука на Совет за линиски превоз на патници во Град Скопје потребни се 352 автобуси или со резервни, вкупно 444 автобуси.

Наведуваат дека во моментов на дневно ниво недостасуваат од 160 до 200 автобуси.

„Приватните превозници не можат да одговорат на зададениот возен ред поради следниве причини: неподмирен долг од јуни, немаме верификувани извештаи за месеците јули, август, септември и октомври, ниска цена за изминат километар, со која не можеме да ги покриеме основните трошоци“, стои во соопштението.

Од „Јофи Бус“, „Вестор Транс“ и „Радос Компани“ велат дека не е точна информацијата која беше пласирана во јавноста дека доколку се покачи цената за изминат километар кај приватните превозници ќе значи и покачување на цената на билетот.

„Информацијата која беше пласирана во јавноста дека доколку се покачи цената за изминат километар кај приватните превозници ќе значи и покачување на цената на билетот, одговорно тврдиме дека не е така туку потребна е реформа во јавниот градски превоз. Ние сме последната дејност каде што нема покачување, немаме волшебно стапче да ги надоместиме загубите. Со покачувањето на цената ќе можеме да работиме рентабилно, но и нашите корисници ќе добијат понови еколошки климатизирани автобуси“, се вели во соопштението од „Јофи Бус“, „Вестор Транс“ и „Радос Компани“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons