Свет

На протест во Тирана повредени 11 полицајци, се огласи Рама: Излив на лудило на улицата 

Албанската полиција денес објави дека 18 лица се уапсени за време на протестот, организиран од една од фракциите на албанската Демократска партија, против 17 од нив е покрената постапка за кривично гонење, а за две лица се издадени и налози за апсење.

11 полицајци се повредени, но нивните животи се надвор од опасност, јавува албанскиот Јуроњуз.

„За време на митингот, некои од учесниците се спротивставија на државните полицајци кои требаше да служат како гаранти на јавниот ред и безбедност и фрлаа Молотови коктели кон нив. Идентификувани се 37 граѓани кои извршиле незаконски дејства за време на митингот. Отворена е кривична постапка против 10 возрасни и тројца малолетници“, соопшти полицијата.

Врз основа на видеоматеријалот, кој бил испратен до обвинителството, отворена е кривична постапка против организацискиот секретар на Демократската партија, наводно за организирање и учество во незаконски собири и демонстрации.

Албанскиот премиер Еди Рама ги осуди актите на насилство и уништувањето на јавен имот, изразувајќи солидарност со повредените полицајци.

„Во Европа има разни демонстранти – анархисти, екологисти, десничарски или левичарски екстремисти, студенти, антиглобалисти, хулигани меѓу навивачите и широк спектар на групи кои излегуваат на улиците од свои причини, се маскираат, се вооружуваат со Молотови коктели, кршат и палат, повредуваат полицајци и уништуваат имот… Сепак, од времето на озлогласените партии од пред 100 години во Германија и Италија, во Европа има само една парламентарна партија која во својата програма, како составен дел од своето постоење од нејзиното основање, вклучила употреба на насилство, уништување на имот, напади врз институционални згради, па дури и сопствена зграда, како и мобилизација на паравоени формации, кои до неодамна беа трупи на нејзиниот духовен водач, а денес се само платеници регрутирани за пари меѓу улични бандити, кои носат маски или ги кријат лицата зад билборди за да ја завршат својата работа фрлајќи молотови коктели без да бидат идентификувани од камерите“, напиша Рама.

Тој им посака брзо закрепнување на повредените полицајци.

„Денес, ваквите протести, со нечистотијата што ја оставаат на булеварите, наликуваат на излевање на улица на лудилото на еден сенилен старец кој ги организира… Брзо закрепнување на полицајците кои беа повредени и ранети од оваа толпа“, додаде Рама.

Демократската партија, фракција која го поддржува поранешниот лидер Сали Бериша, организираше протест пред седиштето на албанската влада во Тирана во саботата вечерта, кој стана хаотичен по говорот на Бериша, при што неколку демонстранти фрлаа Молотови коктели кон зградата на владата и полицискиот кордон.

Полициските сили интервенираа користејќи водени топови и солзавец за да ги растераат демонстрантите. Потоа демонстрантите се судрија со полицијата пред зградата на Парламентот, обидувајќи се да го пробијат кордонот и фрлајќи камења кон полицајците, по што полицијата употреби солзавец.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons