На патниот правец Тетово-Бањиче има падната голема карпа на коловозот
На патниот правец Тетово – Бањиче, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите. Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни, информираат од Центарот за управување со кризи.
Во регионот на Гостивар и Маврово кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Како што информираат од ЦУК, во ридско-планинскиот дел на кавадаречкиот регион се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Во Североисточниот регион нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од село Пелинце до Граничен премин Пелинце бил подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Во регионот на Крива Паланка сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон. Патот од с. Пклиште до село Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.Во кратовско сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Во Штип нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
ЦУК информира дека во Охридско реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации. Во струшките села Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата. Во Дебарско реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Во кичевско водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација. Во пелагонискиот регион поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај. Состојбата во битолското градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Цук информира и дека во Крушевско сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни. Во Ресенско поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река. Во Новаци нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.



