На обвинителите им треба време за да ги проучат предметите за Мерко, велат од ЈО
Комисијата од Јавното обвинителство извршила вонреден надзор на заведените предмети против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, ама резултати нема, бидејќи, како што велат, предметите се обемни и треба време да се проучат и анализираат.
„Комисијата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија задолжена да изврши вонреден надзор на заведените предмети против Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга изврши увид во сите завршени и предмети во работа против ова лице во Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Притоа, заради обемноста на преземените дејствија и сложеноста, дел од предметите се уште детално се проучуваат и се анализираат“, велат од ЈО.
Од таму додаваат дека по завршувањето на проверките, Комисијата ќе изготви извештај со насоки за постапувањето во конкретните предмети.
Мерко и неговото семејство завршија на црната листа на САД, поради вмешаност во корупција. Струшкиот градоначалник по повеќедневен молк откако беше прогласен за персона нон грата во САД, на јавноста и се обрати на Фејсбук, каде објави повеќе фотографии со американската амбасадорка во земјава, Агелер и напиша дека ќе бил целосно транспарентен и отворен за соработка за потребите на правосудните органи, кои ги истражуваат заведените предмети против него.