Најбрзиот воз во светот започна со пробни возења во Кина
Најбрзиот воз во светот започна со пробни возења на брзата железничка линија во Кина, достигнувајќи максимална брзина од 453 км/ч за време на тестирањето, пренесе во вторникот Глобал тајмс.
Возот ЦР450, дизајниран да достигне максимална тест брзина од 450 км/ч и комерцијална брзина од 400 км/ч, моментално е во процес на квалификациски тестови на брзата железничка линија што ги поврзува Шангај на исток од земјата со Ченгду на запад.
Овој воз може да забрза од нула до 350 км/ч за само 4 минути и 40 секунди. Во еден импресивен тест, два воза ЦР450 се разминаа еден со друг со комбинирана брзина од 896 км/ч, поставувајќи нов рекорд.
Во споредба со претходниот модел ЦР400, новиот ЦР450 има аеродинамичен дизајн, со подолга носна контура, 20 сантиметри понизок покрив и 50 тони полесна конструкција, што резултира со намалување на отпорот на воздухот за 22 проценти.
Во моментов, возовите ЦР400 Фуксинг во редовниот сообраќај достигнуваат максимална брзина од 350 км/ч.
Пред да може да почне да превезува патници, ЦР450 мора успешно да помине 600.000 километри пробни возења без ниту еден инцидент.



