МакедонијаНајново

Населението во Македонија старее и тоа многу брзо 

Населението во Македонија старее и тоа многу брзо. Земјава е веќе во длабока демографска старост. Влезена е во процесот на демографска транзиција кога смртноста станува поголема од раѓањето. Бележиме загуба на природниот прираст од преку 8 000 лица просечно секоја година и оваа тенденција ќе продолжи, велат експертите.

Иднината, прогнозираат, не e ветувачка, но кои се решенијата? Според едни, утопија е воведувањето какви било мерки кои би го сопреле процесот на стареење, но спроведувањето активности за адаптирање кон демографското стареење е реалност. Според други, клучот е влезот во ЕУ зашто ќе наметне исполнување стандарди кои би го подобриле живеењето дома, што, пак, ќе значи многу помалку иселување, но и враќање на дел од македонското население во својата матична држава.

Стратегијата за стари лица (2010-2020) покажува дека до 2050 година се очекува секое петто лице да биде старо над 60 години, а во 2150 година секое трето лице да биде над 60 години.

Како што вели за МИА проф. Аница Драговиќ од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје, демографското стареење во земјава е резултат на три значајни социо-демографски фактори: децениско намалување на фертилитетот, намалување на морталитетот и зголемување на животниот век на човекот. На стареењето, нагласува, влијаат и миграциите, особено засилените емиграциски движења. Влијанието на миграциските движења, објаснува професорката, се поврзува со селективноста на миграциското население, а селективноста од аспект на возраста се состои во тоа што повеќе од останатите емигрираат лица на возраст од 20 до 40 години.

„Демографското стареење е дел од демографското искуство на нашава држава. Како и во другите постсоцијалистички земји и земји на бившата СФРЈ овој процес започнува од крајот на XX век и со засилено темпо продолжува и во текот на XXI век. Фактите говорат дека во период од 2008 до 2013 учеството на старото население во вкупното се зголемило од 10,7% на 13,3% а деценија подоцна во 2023 изнесува 18,1%. На овој начин нашата држава се категоризира како држава која е во состојба на демографска старост. Прогнозите се дека учеството на старите лица ќе продолжи да се зголемува и во наредниот период. Карактеристично е да се спомне дека од аспект на полот, жените се доминантно старо население“, истакнува Драговиќ.

Додава и дека од аспект на возраста, земјава е во релативно поволна ситуација само во однос на контингентот на работно способно население кое е доминантно во однос на другите возрасни групи. Очекувањата се во иднина да се „стеснуваат“ средишните делови на возрасната пирамида, оние што го опфаќаат населението од 15 до 64 години.

„Интензивирањето на процесот на стареење претставува фактор на влијание на многу сегменти и потенцијали на општествениот развој. Од демографски аспект би издвоила дека демографското стареење, покрај во економијата и социјалата, има влијание и на репродукција на населението. Фактот дека се намалува женското население на репродуктивна возраст (од 15 до 49 години) укажува дека фертилитетот ќе го задржи трендот на намалување. Во областа на економијата, стареењето влијае врз економскиот раст, штедењето, инвестициите, производството, работната сила, пензиите, даноците и меѓугенерациските трансфери. Во социјална смисла, стареењето влијае врз структурата на семејството и уредувањето на животот, побарувачката на домаќинството, миграциските трендови, епидемиологијата и здравствената заштита“, подвлекува професорката.

Според неа, здравствениот сектор е особено силен предизвик за земјите со среден и низок степен на развој во смисла на подобрување на квалитетот, достапноста и пристапноста.

„Во контекст на сето ова повеќе од неопходно е да се дефинира, следи и оценува национален стратешки пристап за категоријата на стари лица“, порачува Драговиќ.

Таа смета дека државава само декларативно ја следи оваа категорија од населението кое е во постојан пораст.

„Одредени социолошки анализи укажуваат дека социо-економскиот статус и квалитетот на животот на старото население во државата е неповолно во споредба со развиените земји. Старите лица кај нас во споредба со развиените земји покажуваат ограничувања во можноста да ги задоволат своите потреби во рамки на домаќинството (купување/обнова на апарати за домаќинство, разновидна исхрана), да користат одмор, се соочуваат со неповолни здравствени услуги,… Особено е незавидна положбата на старите лица во селските средини поради едноличноста и монотоноста во користењето на слободното време,… Најангажирани се старите лица во земјоделството и производството за сопствени потреби“, вели професорката.

Нејзин став е дека мора да се следи имплементацијата на веќе донесените мерки и посебно на Стратегијата за стари лица (2010-2020). Ако е потребно, оценува професорката, треба да се донесе и нова стратегија.

„Прв чекор треба да е оценување на степенот на имплементација на Стратегијата. Мене не ми е познато дека постоел акциски план, кој е повеќе од неопходен за следење на имплементација на секој стратешки документ. Согласно тоа, потребна е ревизија или изготвување нова стратегија која би ги опфатила и поновите документи од значење за развој на населението. На пример, Одржливите развијни цели 2030 се повеќе од неопходни. Мојот став е дека нашата држава само декларативно ја следи оваа категорија од населението кое е во постојан пораст. Тоа не отсликува еден инклузивен и одржлив однос кон населението, неговиот развој и демографски развој. Стареењето е дел од цивилизацискиот напредок и во таа смисла човекот треба да се гордее со овој екстраординарен колективен успех за човештвото“ вели Драговиќ.

Поранешниот директор на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во чие време беше спроведен Пописот во 2021 година, но беше изготвена и публикацијата Проекции на населението на Македонија до 2070 година, е дециден дека клучот за подобрување на состојбата со демографската старост во земјава е влезот во ЕУ.

„Треба да се запре иселувањето, посебно на младите, а клучот е влезот во ЕУ. Ако не се направи нешто многу брзо во однос на европските интеграции, многу побрзо ќе се движиме кон неповолните проекции, а бројот на жители од 1,5 милион за 40-на години ќе ни биде мисловна именка. Младите, па и сите граѓани сакаат да живеат во средена, правна, функционална држава. Немаме светла иднина ако час поскоро тоа не успееме да го создадеме, ако немаме квалитетно образование, добро здравство,… Влезот во ЕУ ни е единствениот начин, тоа е клучот“, истакнува Симовски.

Во Македонија просечната возраст на раѓање на првото дете е 27 – 28 години 

Согласно статистиката, Симовски укажува дека во земјава просечната возраст на раѓање на првото дете е 27 – 28 години.

„Тоа е тренд што не може да се запре. Еманципација на жената, еманципација на луѓето, вклученоста на сите во општествените текови, образованието, кариерата, се тоа влијае. Вториот момент што влијае на стареењето е намалување на бројот на раѓања и тоа е, исто така, светски тренд, но кај нас е прилично изразен поради повеќе фактори, не само поради класичниот демографски (луѓето не сакаат големи семејства, пролонгираат почеток на формирање семејство), туку најмногу поради тоа што нашето младо население што треба да раѓа, се иселува. И тоа е клучниот проблем, раѓањата не се случуваат во земјава, туку некаде во странство или млади семејства одат надвор и таму се прошируваат. Ако ги гледаме стапките на фертилитет (број на родени деца од жени на фертилна возраст) во изминатите 13 – 14 години, од 201-та до 2023-та тие се отприлика исти, една жена раѓа по 1,6 или 1,5 дете. И тука немаме никакви промени, цело време во тој период бројките се исти, освен во 2019-та и 2020 година каде се бележи намалување на 1,3. Цело време има константа, значи не е нарушена кај нас желбата за формирање семејства, се уште постои традиционалниот однос кон семејството, но проблемот е што се намалува потенцијалот за раѓање, младиот потенцијал, клучно поради иселувањето“, вели Симовски.

Тој го лоцира проблемот во тоа што државава не ги задржува младите, но смета дека уште поголем проблем е што немаме евиденција колку лица се иселуваат.

„Уште поголем проблем е што не ги евидентираме иселувањата. Не знаеме колку иселувања има, нема систем на евиденција и затоа, во годините по пописот веќе добиваме погрешни податоци за населението зашто проценките што се прават секоја година базираат на административни податоци. Ја земате состојбата од пописот и на тоа додавате родени, одземате умрени и она што значи евидентирано иселување/доселување го вклучувате и исклучувате. Немаме податок колку лица се иселуваат. Скандинавските земји, на пример, го евидентираат секое „поместување“ зашто имаат култура на пријавување што ние ја немаме,. Но, не можеме да ги осудуваме нашите луѓе зашто ако одлучат да одат надвор, не се сигурни за својата иднина, дали ќе успеат, па може и да се вратат, а по закон треба во рок од две недели по иселување да го одјави живеалиштето, но тоа никој не го прави“, нагласува поранешниот директор на Заводот за статистика.

Иселувањето прави дупка во бројот на младото население, проценките на вкупниот број лица кои се иселуваат годишно од земјава е над 15 000

Оваа бројка, според Симовски, се зголемува, иако потенцијалот за иселување е веќе намален.

„Веќе нема кој да се иселува од источна или јужна Македонија. Сепак, тој бран е се уште голем. Младите тука немаат извесна иднина, не знаат што ќе се случува, веќе не е важен само економскиот фактор. Некогаш бил, до пред  20 или 30 години и тогаш повеќе од 90 отсто од луѓето се иселувале од економски причини. Денес не се иселуваат само поради тоа, туку и поради немањето правна сигурност. Ќе се зафатите со некој бизнис, еден нема да ви плати, не ќе можете да ги наплатите своите побарувања, ќе заглавите, немате никаква сигурност. Ќе се влечкате по судови со години и дали воопшто ќе добиете пресуда во ваша корист. Политичките превирања се катастрофални и сето тоа влијае врз граѓаните, секој сака да живее во средена држава“, потенцира Симовски.

Додава и дека во бројките што не ги опфатиле иселувањата, од пописот наваму имаме намалување на населението.

Пописот во 2021 година евидентира 1.837.000 жители, а сега бројката е 1.820.000. Ако кон ова ги додадеме тие што за овие четири години се иселиле, може да дојдеме до 1.700.000 и нешто повеќе. Како што вели Симовски, повикувајќи се на статистичките показатели, од 2010 година кога имало 24.296 родени деца, во 2023 година се родиле 16.737.

„Во 2024 година веројатно ќе бидат околу 15.000. Значи, имаме намалување од скоро 10.000 родени деца што е страшно. Сметам дека клучната причина е иселувањето. Просечната старост на населението се зголемува и изнесува меѓу 45 и 50 години. Старосната пирамида кај нас наместо во основата (која го прикажува младото население) да биде најширока, има форма на стебло, односно станува дрво кое во средината (која ги означува луѓето на возраст меѓу 20 и 40 години) дури има и вдлабнатина. Тоа е резултат на иселувањето“, истакнува Симовски.

Според Индексот на стареење, Македонија е одамна влезена во категоријата земја со многу старо население. Но, тоа што сме одамна влезени како земја во категоријата со многу старо население не е од денес, туку веќе 15-на години наназад, оценува Симовски и дополнува дека сега сме во длабока демографска старост. Сепак, не сме исклучок. Европа е стар континент и сите европски земји го имаат овој проблем.

Во Македонија најбројно е населението на возраст од 40 – 65 години, а не би требало да биде над 60 години 

Континуирано е зголемувањето на границата на очекуваното траење на животот. Некои природни катастрофи, непогоди, земјотреси или случувања, епидемии како КОВИД-от може да предизвикаат одредени пореметувања. Ковид-от се одрази драстично врз порастот на смртноста. Во тие години очекуваното траење на животот зависеше исклучиво од стапката на смртност, не и од раѓањето зашто од ковид починуваа и млади лица. Во тие години се намали просечното траење на животот.

Во 2018 година, пред ковид-от, очекуваното траење на животот изнесуваше вкупно 76,34 години (кај мажи 74,39, а кај жени 78,29), во 2019 година беше 75,74 години (кај мажи 73,62, а кај жени 77,87), во 2020 година уште повеќе се намали поради директното влијание на ковид-от на 74,57 (кај мажи 72,41, кај жени 76,77), во 2021 година изнесува 74,44 години (кај мажи 72,22, кај жени 76,74) и потоа почнува да расте. Во 2022 година изнесува 75,32 години (кај мажи 73,16, кај жени 77,58), односно се враќа на бројките од пред пет – шест години.

Во 2023 година очекуваниот животен век при раѓање во ЕУ изнесувал 81,4 година што е зголемување во споредба со 2022-ра кога бил 80,6 години. За жените изнесувал 84 години, а за мажите 78,7 години. Очекуваниот животен век во земјите-членки на ЕУ за подолг период, од 2015 до 2023 година се зголемил од 80,5 на 81,4.

Податоците за Македонија покажуваат намалување. Очекуваниот животен век во 2015 година бил 75,5, во 2016-та изнесувал 75,4, во 2017-та се зголемил на 76, во 2018-та достигнал 76,7, во 2019-та бил 76,6, во 2020-та паднал на 74,4 и во 2021-ва изнесувал 73,2 години.

Ако се погледнат табелите на Државниот завод за статистика, очекуваната должина на животот бил 75,3 години во 2015-та, 75,5 во 2016-та, 75,9 во 2017-та, 76,3 во 2018-та, по 75,4 во 2019-та и 2020-та, 74,2 во 2021-ва и 75,3 години во 2022 година. За 2023 година нема податоци. Во последната година, 2022-ра, очекуваниот животен век на жените бил 77,6, а на мажите 73,2 години.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons