Над 300 приведени по вчерашните протести во Турција
На вчерашните протести поради апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу во повеќе градови низ Турција, приведени се вкупно 343 луѓе. Демонстрациите се одржаа во десетина градови, вклучувајќи ги Истанбул и престолнината Анкара.
Од Министверството за внатрешни работи на Турција соопштија дека приведувањата се направени за да се спречат „нарушувања на јавниот ред“ и предупреди дека властите нема да бидат толерантни на хаос и провокации.
Демонстрациите започнаа во средата кога Имамоглу беше приведен под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, заедно со уште 103 други осомничени. Тој се сметаше и за сигурен кандидат на главната опозициска Народна републиканска партија (НРП) за претседателските избори во 2028 година.
Опозициската партија НРП го оцени случајот како политички мотивиран и повика на мирни протести и покрај забраната на властите за одржување јавни собири.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја и министерот за правда Јилмаз Тунч го осудија повикот за протести и го опишаа како неодговорен. Според министерот Јерликаја демонстрантите сакаат да го нарушат јавниот ред и да предизвикаат хаос.