Мустаќи може, брада не – остануваат правилата во АРМ, Уставниот суд не поведе постапка
Војниците кои се на служба во АРМ и натаму ќе можат да носат само мустаќи, но не и брада – одредбата на Армијата, за чијашто законитост беше поднесена иницијатива пред Уставниот суд, останува во сила.
Уставниот суд денеска не покрена постапка за оценување на уставноста и на законитоста на параграфот број 7 од Правилото за односите во вршењето на службата на Армијата на Македонија, донесено во јули 2012 година од Началникот на Генералштабот.
Во оспорениот параграф е наведено дека воениот персонал на служба на АРМ мора секогаш да биде уредно облечен, избричен и потстрижен.
„Се потстрижуваат средно зулфите, до половина на увото, а косата да не паѓа на ушите и јаката на облеката, односно да не се витка преку работ на капата, шапката или баретката. Не смее да носи брада, а ако носи мустаќи, треба да бидат долги 0,8 сантиметри од горната уста и не смеат да преминуваат преку неа. Косата не смее да биде подолга од 5 сантиметри“, пишува во оспорената одредба.
Подносител на иницијативата е Здружението за развој Млади за јавен интерес од Дебар.
„Подносителите наведуваат дека прашањето за носење брада е правно допуштено со Уставот и со Европската конвенција, а ваквата одредба претставува мешање во правото на приватен живот. Се наведува дека е апсурдно што не се забранува носење на мустаќи, а притоа постои апсолутна забрана за носење на брада“, соопшти Уставниот суд.