Мицкоски: 23 октомври не е само датум, туку завет – нема да попуштиме кога се во прашање интересите на народот и на Македонија
Почитувани екселенции,
Драги пријатели,
Секој народ се изроди низ борба, откажувања, безброј жртви и силна вера и копнеж за својата слобода. Нашиот, иако по бројност мал, веројатно ја има најживописната борба за слобода, која нè учи дека нема невозможни работи и дека борбата за слобода е еден трнлив пат, испишан со крв и страдања, една голема и долга низа на востанија, на човечки приказни за храброст, за мудрост, но и на предавства, завери, меѓусебни и надворешни борби.
Секој народ си има свое Ватерло, но и своја Нормандија. Своја Бостонска чајанка и свој Јорктаун. Свои падови и свои подеми. Но и низ оваа линија на борба, ѕвездата водилка беше организацијата создадена на денешен ден- организацијата која е дел од кодот на нашата слобода, но и на нашата државност, која го одбележа најмаркантниот дел од нашата историја и која ги содржи сите наши соништа за она што сме денес.
На денешен ден се роди организацијата што потоа ги одбележа сите буни и востанија, која чекореше паралелно со Македонија низ нејзиното создавање. И тој сон за слобода, таа мајка на борбата на нашиот народ- ВМРО му припаѓа на секој еден кој ја сака и почитува нашата борба, во чие срце пламти нашата татковина Македонија.
На 23 октомври 1893 година се создаде Внатрешната македонска револуционерна организација- идеја што ја надживеа својата епоха, луѓето, но и сите граници.
Од таа скромна соба, со само неколку раце и многу срца, започна големата приказна за македонската борба. Тие млади револуционери не беа генерали, не беа владетели, туку обични луѓе кои одбраа нешто повисоко од животот- да ѝ дадат иднина на татковината.
Со перо, со збор и со клетва тие ја создадоа организацијата што ќе стане симбол на непокорот, на саможртвата и на вечниот стремеж кон слобода. Од таа искра во Солун се разгоре огнот на Илинден, се зацврсти духот на Крушево, се роди државноста во АСНОМ, се испиша современата историја на македонскиот народ.
И секојпат кога пред нас стоеле темни времиња, кога се чинело дека ќе биде избришана, токму духот на ВМРО го чувал името, верата и достоинството на овој народ. Затоа, 23 Октомври не е само датум- тоа е и завет. Завет дека Македонија никогаш нема да биде ничија туѓа мисла, туку вечен порив за слобода, правда и иднина. И додека го чествуваме овој ден, се поклонуваме не само пред храброста на тие први борци, туку и пред идејата која и денес нè повикува- да бидеме достојни наследници на нивната верба и нивниот сон.
„Нашето дело е чисто народно дело,“ ќе каже Христо Татарчев, првиот претседател на Организацијата. Тоа беше организацијата на народот, за народот, со народот. Без држава, без армија, без моќ, но со нешто посилно од сè: со верата дека правдата и слободата се на нивна страна.
„Целта е да се извојува автономија на Македонија,“ ќе запише Даме Груев.
Но за нив, автономијата не беше само политичка, туку духовна независност- правото на Македонецот да биде свој на своето, да има свој јазик, свој идентитет,
свој дом.
И секогаш кога било најтешко, кога некој се обидувал да нè избрише, токму тој дух на ВМРО- духот на народот што не се предава, ја чувал Македонија жива.
„Револуционерот не прашува што ќе му даде татковината, туку што тој ќе ѝ даде на неа,“ напиша Ѓорче Петров. И тоа е суштината на ВМРО- не како организација, туку како идеја. Идеја која не умира, туку се прераѓа со секоја генерација- од татко на син, од дедо на внуче, од човек на човек, што верува во Македонија.
Затоа, денес не славиме само минато. Денес го славиме духот на трајноста. 23 Октомври е повик кон совеста- да бидеме достојни на тие што ни ја подарија слободата, да ја чуваме Македонија со истата решеност со која тие ја создаваа. ВМРО е мислата што не умира, затоа што е родена од љубов кон слободата, а слободата е вечна. Силата на ВМРО не била оружјето, туку во идејата дека правдата е посилна од стравот. И доказите за таа челична волја и таа саможртва не се напишани само во книгите, туку можете да ги видите низ живите споменици под дабовите на Мечкин Камен, по улиците и духот на Крушево, низ славните битки и востанија на нашиот народ. Затоа и Македонија треба да се чува, затоа што зад оваа држава стојат илјадници животи кои се дадени за нејзината слобода. И тоа е нешто што нè обврзува и задолжува.
Драги пријатели,
Во денешно време се соочуваме со поинакви предизвици, но со подеднакво значење за иднината на нашата држава и народ. Како претседател на Владата, свесен сум за секој еден од нив, и покрај сите нив, еден од најважните е битката за стандардот и подобриот живот. Тоа е она што го бара и што му е потребно на народот. И битката за Европската Унија треба да се гледа низ поривот за подобар живот и стандарди, и затоа таа наша цел, и покрај сите удари и пречки, остана патот што сакаме да го изодиме.
И овој пат е наше природно право, и иако многу пати откажувањата што ги направивме не беа достоинствени, не беа фер, народот со разочарување и со кнедла во грлото ги прифаќаше. Не е едно, не се две, туку тоа полека станува непринципиелен начин на однесување.
Во контекст на последните барања, кои што се наша пречка, а тоа се уставните измени, главното прашање што се наметнува е: што добиваме ние од тоа, и дали конечно е ова крајот? И дали е фер? Секој наш следен потег мора да биде низ призмата на одговорот на овие прашања и заштитата и обезбедување, прво на гаранции дека ова ќе биде последното, и дека ќе добиеме нешто опипливо и предвидливо- важно за државата и граѓаните, а потоа и нашиот источен сосед да покаже европски вредности и на ист начин да одговори за македонската заедница во Бугарија.
Затоа што нашата определба за Европската Унија ја докажавме преку многу одрекувања, многу жртви, дури и по цена на сопствена штета. И никој нема право да каже дека не дадовме жртва и не плативме прескапа цена за она што го сакаме- членка на Европската Унија.
Но, како и во историјата, така и денес, секогаш ќе има луѓе и страни кои се подготвени да дадат повеќе, да прифатат повеќе. Во таа смисла, нашата опозиција е подготвена да прифати многу повеќе, но и да отстапи и даде многу повеќе.
Затоа што таквата трговија со нашето, со заедничкото, за нив претставува картата со која сакаат да дојдат и да останат во политичкиот живот- не размислувајќи за штетата што ја прават, не само на себе, туку и на целата држава и сите идни поколенија.
Јас сум беспрекорно свесен дека во остварувањето на таквите намери единствена пречка е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Но таа улога мораме свесно да ја носиме на плеќи заради нашиот народ, нашата татковина- дека никогаш нема да попуштаме кога се во прашање интересите за нашиот македонски идентитет и нашата држава Македонија.
Замислете ситуација да настапуваме единствено, а опозицијата да е таа што ќе нè притиска и храбри да ги чуваме црвените линии, околу кои нема да се создаваат облаци и прашини за куферчиња, поклони за источниот сосед и приказни за бизниси какви има сега.
А, токму таквото нивно досегашно однесување ги закотви и закова на третото, четвртото место по поддршка- станувајќи спореден играч на политичката сцена овде дома, кај нас.
Кога сме кај дневнополитичките прашања, сакам да се осврнам на неколку теми.
Локалните избори од првиот круг, изразени низ освоените градоначалнички и советнички места, ја докажаа доминантната улога и поддршка што ја има ВМРО-ДПМНЕ. И ова докажува дека народот има надеж и очекувања кои нема да ги разочараме ниту изневериме.
Од друга страна, пак, нашата опозиција, која доживеа историски дебакл, ја слушам како се храбри, па дури и прави пресметки околу пратенички места. Сфаќам дека се наоѓаат во тежок изборен нокаут од народот, но со нереални математики само дополнително го иритираат.
Она што е интересно е што дури и во нивните анализи тие кажуваат дека убедливо ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаа јасна и чиста победа. Нема пресметка во која тие би победиле на било каков начин. Тоа покажува дека сè уште не научиле ниту една лекција, што во извесна мера е и потценување на сопствениот народ и гласачи.
И сето тоа во извесна мера е и обид да создаде алиби за својот дебакл. Да го задржат лидерството од бранот незадоволство на членовите на таа партија.
Овој бран на огромна поддршка за нас и ваква разлика со конкурентите е огромна одговорност за нас, и ние ќе работиме да ја оправдаме довербата.
А на опозицијата ќе им оставаме време да се консолидираат и да размислат дали ќе се осмелат да одат на предвремени избори, кои да бидам директен јас не ги посакувам и сметам дека се непотребни и дека е време за резултати и голема офанзива на секој план.
Но нивната весела математика и оваа упорност со надмудрување и создавање на вештачки теми и блефови треба да добие соодветен одговор.
Затоа нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат – може и да им се оствари.
Последните избори испратија порака и до нивниот коалиционен партнер – ДУИ.
Тие добија порака од народот и Албанците дека доста беше политиканство и злоупотреба на етничките теми за лични интереси и богатење. И овој резултат се случи затоа што тие не разбраа дека додека се занимаваат со орли, јастреби и зајци, народот е уморен од чекање за подобар живот- живот што граѓаните 20 години не го добија со таа политичка партија. Го чув и нивното барање за предвремени парламентарни избори. Тие се надеваат на тоа за да се спречи падот што евидентно го имаат, а таа удолница што ја фатија е поголема од онаа што се оди од Стража кон Зајас.
Сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката, нека го видат и нека научат од примерот на падот на ДУИ, ќе разберат на што мислам. Тоа е добра лекција и за други политичари на македонската политичка сцена, кои мора да разберат дека за да бидеме коалициони партенри треба да се обединиме на овие избори и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики.
Ако тоа е така, тогаш апсолутно не ја гледам разликата нив и Али од Зајас, кои сакаат да го заменат.
Не треба луѓето да се третираат како контингенти гласови кои може човек да ги насочи. И тоа е погрешно. Луѓето треба да се третираат како луѓе со човечки судбини кои сакаат подобар живот и кои треба да гласаат по сопствено убедување. Сакам да кажам дека ниту еден од нас не ги има гласовите во својот џеб и дека поддршката треба да се гради со обединување околу вредности, а не низ призмата на етничка припадност и разлики. Се поинаку од ова сметам дека е погрешно.
Во тој контекст, треба да се прифати дека поедини градоначалници станаа градоначалници поради волјата и поддршката на Македонците, која не треба да си дозволат да ја изневерат.
Секој чекор има акција и реакција, а јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата.
Драги пријатели,
Нашата земја е создадена врз идејата за заедништво.
Тоа е нејзината најголема сила и најголема обврска.
Нашата татковина е татковина и дом на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други кои ја чувствуваат како своја татковина.
Сите тие ја обликуваат како мозаик што свети во својата различност, но и во своето единство.
Нашата задача денес е да го унапредиме тоа единство, да ја градиме довербата меѓу заедниците и да покажеме дека државата е подеднакво мајка за сите свои граѓани.
Тоа не се постигнува со зборови, туку со дела.
Со еднакви шанси во образованието.
Еднаков пристап до институциите.
Рамноправност во секојдневниот живот.
Само така ќе создадеме општество во кое никој нема да се чувствува заборавен, а секој ќе се чувствува ценет и почитуван.
Да не дозволиме некој да нè дели по вера, јазик или етничка припадност, затоа што само заедно можеме да го одржиме мирот, да го изградиме просперитетот и да ја сочуваме иднината на нашата татковина.
Зборуваме за Македонија во минатото, за нејзините борци, идеали и победи, но зборуваме и за сегашноста.
За предизвиците.
За реформите.
За секојдневната борба да создадеме подобар систем и подобар живот.
Но, сакам денес да размислуваме и да ја планираме нашата задничка иднина, каде што татковината ќе ја препознаеме по редот, работата и напредокот.
По институциите ќе бидат сервис на граѓаните, а не товар.
Во која трудот ќе се вреднува, младите ќе остануваат, а семејствата ќе имаат сигурност и перспектива.
Ја гледам како држава што вложува во знаење, во нови технологии и иновации, што создава домашна економија конкурентна на европскиот пазар, што гради современа инфраструктура и чиста животна средина.
Земја што не чека да ѝ се случи иднината, туку сама ја создава.
Таквата Македонија нема да ја изгради ниту еден човек сам, туку сите заедно – државата, стопанството, науката, семејствата, младите.
Таа Македонија треба да биде визија што ќе ги обедини сите генерации: од оние што се бореле за неа, до оние што ќе ја водат во новите времиња.
Да создадеме земја што ќе биде пример на стабилност и успех, земја што ќе остане своја и горда, но и современа и европска.
Тоа е татковината што ја гледам пред нас – држава што чекори сигурно напред, со глава исправена и со срце насочено кон иднината.
Почитувани присутни,
Силата на државите што се напредни се мери во нивното единство. Мене ми е навистина жал што кај нас има фактори кои редовно пропуштаат тоа да го изградат.
Така ќе биде и денес, кога ретко каде ќе слушнете честитка од нашите политички противници за Денот на револуционерната борба. Не сфаќајќи дека ВМРО како организација не ни припаѓа само нам, туку на целиот македонски народ, на сите граѓани во Македонија.
И таквото нивно однесување потврдува дека ние како политичка сила мора самите да се подобруваме и самите одвнатре да се организираме и одговараме на предизвиците.
Во периодот што следи, Владата има една и главна цел, а тоа е битката и борбата за животен стандард и за подобар живот.
Сакам да знаете дека никогаш не престанавме со оваа цел и за тоа работевме дури и во периодот на избори, за што вчера од Лондон носам добри вести за нова инвестиција.
Потпишавме меморандум за разбирање со американско-британската компанија која ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари. Ќе имаме нови високоплатени 1.000 работни места, и ова е само почеток на оваа инвестиција која подоцна ќе се развива и ќе стигне до една милијарда евра.
Ова ќе биде додадена вредност за македонската економија.
Не чека многу работа, а наредната година навистина посакувам да биде година на економијата. Година кога народот ќе почувствува повеќе пари во паричникот, а за тоа како Влада ќе сториме се за да се случи.
Подобриот живот е битката на нашата генерација, и тоа мораме самите да го обезбедиме со свои сили. Никој тоа нема да го направи за нас од надвор.
Мора да ја направиме македонската економија поконкурентна и со повеќе додадени вредности. Борбата за секој работник е моја борба и тоа ќе биде приоритет број еден.
Следува време на економија и борба за стандард. И тоа ќе биде нашата главна задача.
Драги пријатели,
Поминаа повеќе од еден век откако неколку млади луѓе во Солун ја запалија искрата на македонската револуционерна мисла.
Но нивниот дух не остаре. Тој дух живее во секоја генерација што верува дека слободата не е подарок, туку одговорност. Живее во секој човек што не прифаќа неправда, во секој граѓанин што верува дека оваа земја заслужува повеќе.
Зашто ВМРО не е само страница во историјата- тоа е корен, идеал, тоа е завет. Организацијата што ја израсна оваа држава. Школата во која се научивме што значи да се биде чесен, да се биде храбар, да се биде свој.
Денес, тие погледи од портретите во музеите не нè гледаат со гордост ако ние не ја продолжиме нивната борба, а тоа е борбата за достоинствота, за правдата, за македонско сонце што никогаш не заоѓа. Затоа, овој ден не е само спомен. Тој е повик. Повик да бидеме подобри. Да бидеме народ што ќе ја гради својата иднина со иста решеност со која тие ја започнаа својата борба.
Денес, нашата татковина не е веќе сон во туѓи книги- таа е држава со свое име, свој јазик, своја гордост, иднина. Но токму затоа, нашата должност е поголема. Да ја чуваме таа држава од поделби, од омраза, од цинизам и апатија. Да ја чуваме со љубов, со визија и со одговорност.
ВМРО ни го остави најголемото наследство-верата дека ништо не е невозможно кога народот е обединет. Таа вера е темелот врз кој градиме оваа наша татковина- на знаење, на труд, на еднакви шанси и правда за секого.
И кога ќе градиме училишта, болници, фабрики и патишта- ние не градиме само институции, туку ја продолжуваме револуцијата, во мир, со дело, со ум, со срце. Секоја генерација има своја борба. Нивната беше за држава, а нашата е за вредности.
Мора оваа земја да биде место каде што ќе владее ред, почит, правда и достоинство. Место каде младите нема да заминуваат, туку ќе создаваат. Место каде што ќе се слуша македонскиот јазик со гордост, а не со страв.
И токму затоа, на овој свет ден, посакувам да си ветиме едни на други- дека нема да го заборавиме заветот на тие што ни ја подарија слободата. Дека ќе останеме исправени кога е најтешко, достојни кога е најлесно, и обединети кога некој ќе се обиде да нè раздели.
Да си ветиме дека ќе ја чуваме Македонија со истата љубов со која тие ја сонуваа. И дека кога идните генерации ќе зборуваат за нас- ќе кажат дека оваа генерација не ја изневерила својата татковина.
Затоа денес, кога го чествуваме овој свет ден, да не зборуваме само за минатото, туку за иднината што сме должни да ја изградиме. Да ја направиме Македонија држава со вредности, со ред и закон, со народ што верува во себе. Да изградиме земја каде младите ќе останат, каде секој труд ќе се наградува, каде што никој нема да биде заборавен.
Нашата генерација ја има истата задача што тие ја имаа- да ја брани Македонија, но на поинаков, нов начин: со знаење, со интегритет, со мудрост и со визија.
Затоа што денес патриотизмот не се мери со зборови, туку со дела. Со секој мост што ќе го изградиме, со секое училиште што ќе го подигнеме, со секој живот што ќе го подобриме.
Така се продолжува делото на Организацијата. Така се покажува љубов кон Македонија. Не со зборови што гласно одѕвонуваат, туку со дела што тивко траат.
Денес, кога го гледаме знамето како се вее, треба да знаеме дека тоа не е само парче ткаенина. Тоа е сведоштво за сите што паднаа за да ние стоиме исправени. Тоа е завет што мора да го чуваме. И затоа, на овој 23 Октомври, да си ветиме едно на друго: дека нема да ја изневериме нивната жртва, дека нема да го изневериме нивниот сон. Да си ветиме дека ќе ја чуваме Македонија- во нашите мисли, во нашите постапки, во нашите срца. И кога некој ќе праша што е ВМРО, да можеме да одговориме со гордост: тоа сме ние- народот што не се покори, народот што ја љуби својата земја повеќе од животот.
Да живее идејата што не згаснува!
Зашто идејата на ВМРО е вечна- таа не живее во книгите, туку во нашите дела, во нашите соништа, во нашата љубов кон оваа земја.
Да живее ВМРО!
Да живее народот кој никогаш не се покори
и кој знае дека најубавите страници од нашата историја- сè уште не се напишани!
Бог да ја благослави Македонија, држава изградена со вера, со крв и со сон!
Ви благодарам.“