Македонија

Мицкоски: Ќе иницирам лидерска средба за реформските закони и за Законот за влада во делот на техничка влада 

Во празничното интервју на Алфа телевизија, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките лидери во државата за одржување на лидерска средба на која ќе се разговара за клучни прашања. 

„Планирам од утре да упатам покана до сите лидери на политички партии или водства на коалиции што имаат пратеничка група во рамките на парламентот, да организираме една лидерска средба, мислам дека за една недела од денес до десет дена, пред да заминам во Давос е доволно голем временски период да се организираме и да седнеме да разговараме за овие реформски закони, да разговараме за реформи во политичкиот систем“, рече Мицкоски.

Како можни теми на разговор, Мицкоски ги посочи изборот на Народен правобранител и реформските закони поврзани со напредокот на земјата кон Европската Унија, нагласувајќи дека за овие прашања не постојат дијаметрално спротивставени ставови.

„На таа лидерска средба еве за правобранителот да разговараме, да покажеме зрелост, дека како политичари и како држава, можеме ете кога е предизвикот, посебно целта пред нас, а тоа е Европската Унија да разговараме отворено на сите тие теми, за кои што немаме дијаметрално различни ставови. Нели велиме сите сме за таму, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија, имаат позитивно мислење од Канцеларијата на Европската Комисија, ајде да седнеме и да разговараме“, порача Мицкоски.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека не би влегувал во процес на укинување на техничката влада без политички консензус , оценувајќи дека ваквите промени треба да се носат со согласност на сите релевантни политички чинители, особено ако постои оценка дека техничката влада го кочи функционирањето на системот.

„Пред овие избори раководството на СДС велеше дека тие се за бришење на техничката влада, да видиме дали стојат на тој став. Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно, затоа што мислам дека таков тип на измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката Влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени“, вели Мицкоски.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons