Актуелно

Мицкоски: Пуштена нова делница од автопатот Кичево – Охрид, ова е силен доказ дека Македонија се движи напред 

Денес пуштаме во употреба нова делница од автопатот Кичево-Охрид. Ова не е само уште еден пат, ова е силен доказ дека Македонија се движи напред, дека се гради и дека се надминуваат долгите години на застој.

Речиси една деценија овој проект беше симбол на закочени и незавршени, или би рекол недовршени работи. Граѓаните со право беа разочарани, гледаа градилишта кои стојат, а не патишта што се користат. И за жал поради таквата слика голем дел од нашите сограѓани и го оставија својот живот овде. 

Денес ја менуваме таа слика. Денес покажуваме дека таму каде што имаше застој-има решение, таму каде што имаше недоверба – има резултати.

Автопатот Кичево-Охрид е од стратешко значење за нашата земја. Тој е главна артерија за поврзување на југозападна Македонија со остатокот од државата и со Охрид – град кој е не само наш туристички бисер, туку и светско културно наследство. Со овој автопат, Охрид и целиот регион добиваат нова енергија за развој, нови шанси за туризмот и нова перспектива за економијата.

Со побрзо, полесно и побезбедно патување, овој автопат ќе донесе повеќе туристи, повеќе инвестиции и повеќе можности за локалната економија. 

Ќе се скрати времето на патување, ќе се олесни транспортот на стоки и услуги и ќе се отвори простор за нови бизниси и нови работни места.

Оваа Влада не го троши времето на изговори, туку работа. Еве овој автопат станува реалност. Но не е само ова дело.

За само година и половина ги ставивме во употреба:

Делницата Градско-Фариш од 25,7 километри;

Делницата Страцин-Крива Паланка од 25,5 километри;

Делницата Врбјани-Ботун од околу 20 километри.

Тоа се 70 километри нови патишта. Со оваа делница од Кичево-Охрид, бројката утре ќе достигне 87,5 километри. И тоа за нешто помалку од година и половина. 

Ова е 15иот месец откако оваа Влада е избрана. Тоа не се зборови, тоа се дела. 

Јас сум свесен дека опозицијата ќе измисли уште многу невистини, уште многу лаги, ќе се обидат да конструираат многу работи со коишто мислат ќе нанесат штета на оваа Влада, но ние немаме потреба да реплицираме на таквата политика на црни мисли и политика којашто ја турка Македонија назад. Ние ќе работиме, ќе градиме за разлика од тие коишто беа влада на СДСМ и ДУИ, коишто седум години не направија ништо и само крадеа. 

Тоа е суштинската разлика помеѓу едната и другата Влада.

Исто така на крај дозволете ми да напомнам дека уште неколку битни и важни економски параметри. 

Првиот е фактот што во вториот квартал забележа нашата економија реален раст од 3, 4% и сме во петте земји во Европа по најголема ставка на раст на бруто домашниот производ. 

Ако во минатиот, првиот квартал бевме на четвртото место, сега го делиме третото место со Хрватска. Пред нас е Ирска и Кипар со 3,6%. 

Исто така дозволете ми да ве информирам дека мерките на владата и активната работа којашто ја правиме изминатиот период генерираа нови 10.000 работни места, односно ако се спореди бројот на вработени во вториот квартал 2024 година со нешто повеќе од 691 илјада со бројот на вработени во вториот квартал на 2025 година нешто повеќе од 701 илјада, тоа значи дека имаме креирано за една година 10 илјади нови работни места, имаме намалено нешто повеќе од 7 илјади невработени кога ќе се споредат овие два квартали. Можеби тие бројки се само бројки на хартија, но тие бројки се дел од реалниот живот, тоа се семејства, тоа се луѓе, тоа се вистини. 

Оваа Влада има за цел да го направи животот на нашите граѓани подобар и да го направи поуспешен. 

Третиот параметар којшто исто така сакам да го потенцирам е фактот дека изминативе 7 месеци од оваа година, од јануари до јули извозот расте побргу отколку увозот. И тоа е редок пример ако ја гледаме наназад македонската економија, кога во толку долг период имаме поголемо извозно ориентирање на државата отколку увозно ориентирање. Што значи се намалува трговскиот дефицит, што значи дека повеќе девизи, повеќе пари остануваат во македонските економии и во рацете на македонските граѓани што претставува и наша цел и наша цел како Влада. Знам дека инстант резултати се невозможни, тоа го зборувавме и во кампањата, ние не сме чудотворци. Чуда се невозможни, но ветувавме многу посветена, чесна работа, а тоа е тоа што го правиме изминативе 15 месеци. 

Многу посветена и чесна работа и јас ви давам збор дека така ќе продолжиме, да се бориме секој ден да се бориме за секој еден нов проект, за секоја нова инвестиција, за секоја една човечка судбина да и помогнеме и да направиме животот да и биде подостоинствен.

Почитувани присутни,

Ова е нашата визија, Македонија на дела, а не на изговори. Ова е доказ дека можеме да го оставиме зад себе периодот на застој и да го отвориме патот кон развојот.

Ќе продолжиме вака, да градиме, да завршуваме започнати работи и да создаваме нови перспективи за секој регион и за секој граѓанин.

Нека е со среќа и за долги години да ни се користи.

Да сте живи и здрави.

Бог да ни ја благослови Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons