Мицкоски: Проектите кои ги почнавме изминатите 18 месеци ја добиваат својата контура
Не може човек да не биде задоволен и би рекол емотивен кога ќе присуствува на еден ваков настан, ново училиште за најмладите, за дечињата. Добро е што голем дел од проектите што ги започнавме изминативе 18/19 месеци ја добиваат својата контура, својата физиономија. Годината ја завршивме со реновираната Клиника за гинекологија и акушерство, потоа ја отворивме годината со четири нови градинки, Кочани, Карбинци, Сопиште и Гевгелија, сега и ова училиште „Блаже Конески“ овде во Аеродром со услови би рекол идеални за учење, а кога ќе се вратам од службеното отсуство од Давос ќе го пуштиме и реновираното училиште или гимназија во Тетово „Кирил Пејчиновиќ“ и така ќе продолжиме со примопредавање на сите оние проекти коишто изминативе 18/19 месеци ги започнавме.
Тука не треба да се забораваат и спортските сали, понатаму булеварите, експресните патишта, железницата, автопатските делници и многу проекти што се реализираа овие 18/19 месеци. Впрочем тоа сме го ветиле пред граѓаните и тоа ќе го испорачаме во рамките на приоритетите и во рамките на можностите.
Ќе дозволите да му честитам на градоначалникот за посветената работа овде во Општина Аеродром, да се заблагодарам на ресорниот министер, на пратениците, на советниците, на администрацијата во Општина Аеродром, да се заблагодарам на вработените во училиштето и пред се на родителите и на дечињата коишто имаа трпение и коишто како резултат на тоа трпение ќе се вратат повторно во ова училиште и ќе можат да следат настава во најсовремени услови.
Уште еднашка им посакувам многу весели училишни денови, да се стекнат со многу знаење, а за вработените се разбира успешна работа и да го пренесат што поуспешно тоа знаење до нашите најмлади, дечињата.



