Мицкоски: Празнувањето на Свети Сава 18 години во Македонија значи меѓусебно почитување и доверба, добра соработка и негување на односите помеѓу српскиот и македонскиот народ
Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата на сите припадници од српската заедница кои живеат во државата да Ви го честитам празникот Свети Сава и Ви посакам многу здравје, среќа, бериќет и духовен мир.
Празникот Свети Сава се празнува 18 години во Македонија, откако со измените на законот за празници на 8 февруари 2007 година е прогласен за национален празник на Србите во Македонија.
И ова го покажува меѓусебното почитување и доверба, како и добрата соработка и негување на односите помеѓу српскиот и македонскиот народ.
Вашиот придонес во општествениот и јавен живот покажува дека заедно, обединети, во заедништво и преку почитување на различностите, културите и традициите можеме да ја трансформираме Македонија напред, а за граѓаните обезбедиме подобра и посигурна иднина.
Македонија мора да се гради и да има економски напредок, а тоа го можеме само доколку сме сплотени.
Затоа цврсто сум убеден дека градењето на соживот, толеранција и пријателство ќе биде еден од вредностите кои ќе бидат нашата водилка за остварување на нашите цели.
Почитувани пријатели од српскатa заедница, Ви посакувам убав празничен ден исполнет со радост.
Нека е честит големиот празник Свети Сава!“
Со почит,
Христијан Мицкоски, претседател на Владата