Мицкоски: Поставен е камен темелник на новата фабрика на „Чагатај Кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра и 200 нови работни места
„Почитувани стопанственици,
почитувани претставници на компанијата „Чагатај Кабло“,
почитуван директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, господин Гоце Димовски,
почитувани претставници на медиумите,
почитуван градоначалник на општина Илинден,
почитувани граѓани,
Денес го одбележуваме почетокот на нова инвестиција. Но повеќе од тоа, денес вградуваме уште еден темел на економска доверба. Јасен сигнал дека кога институциите се посветени, успехот не неминовно доаѓа.
Компанијата „Чагатај Кабло“ започнува со изградба на нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 1. Се работи за инвестиција во вредност од 6 милиони евра. Ќе се изгради објект со површина од 10.000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места или вкупно како што кажа и претседателот на Управниот одбор, ќе дојдеме до бројка од 500тини работни места кои што ќе произведуваат овде во производните капацитети на компанијата „Чагатај Кабло“.
Ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде- во нашата татковина.
Ова е само еден од многуте примери како се создава економски раст. Не со теории, туку со конкретни објекти. Не со пароли, туку со нови работни места. Не со зборови, туку со нова хала што се гради.
Секој ваков почеток не е добар само за компанијата. Тој е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.
Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплатува. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот- не пречка, туку поддршка.
Токму затоа, од ова место, сакам да упатам благодарност до директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Гоце Димовски. Со неговата енергија и визија се отвораат нови врати, се водат нови разговори и се создаваат нови можности за странски и домашни инвеститори.
Резултатите што ги постигнавме покажуваат дека како Влада имаме јасна економска насока.
Бруто- домашниот производ во првиот квартал од годинава порасна за 3,2 проценти иако многу земји во рамките на ЕУ се во рецесија. Странските директни инвестиции минатата 2024 година стигнаа ниво од 1 милијарда и 255 милиони евра. Извозот во првите 5 месеци од оваа година е 3,15 проценти поголем споредено со истиот период лани. А, индустриското производство, само во мај, бележи раст од 9,4 проценти. Што ќе каже дека во првите два месеци од вториот квартал, април и мај, трговскиот дефицит е намален за околу 80 милиони долари споредено со истиот период минатата година.
Ова се показатели што го говорат најважното- дека државата е стабилна, дека економијата е активна и дека иднината се гради денес.
Свесен сум дека граѓаните се соочуваат со потешкотии. Свесен сум дека се потребни брзи и коренити промени. И токму затоа, секој ден со целата енергија што ја имаме работиме за тие промени да се случат- реално, одлучно и без одложување.
Ова е борба што ја водиме со срце. Се бориме за секое ново вработување. Се бориме за секој денар повеќе во домашната економија. Се бориме за секоја шанса што може да донесе стабилност и достоинство за граѓаните.
Ние не чекаме инвестиции- ние ги бараме, ги поддржуваме и ги заслужуваме.
Ние не зборуваме за можности, туку ги отвораме.
Ние повикуваме на промени и таквите промени ги реализираме.
Денешниот ден е уште една потврда дека се движиме напред. Секој ваков објект е порака дека имаме капацитет, има луѓе што знаат да работат и има Влада што знае да ги препознае вистинските приоритети.
Ќе продолжиме по истиот пат- со енергија, со одговорност, со упорност.
Ќе продолжиме да ги градиме темелите на промените.
Затоа што доаѓа времето на Македонија.
И тоа време не е утре. Тоа време е сега.