Актуелно

Мицкоски: Петгодишната програма која ќе ја спроведуваат Владата и УНФПА, не е само документ, туку план за дејствување, визија и стратегија која ќе се реализира со конкретни активности, насочени кон иднината на државата и граѓаните 

Почитувани претставници на Обединетите нации,

Почитувана регионална директорка на Фондот за население на Обединетите нации, г-ѓа Флоренс Бауер,

Почитувана постојана координаторка на Обединетите нации, г-ѓа Рита Колумбија,

Почитувани министри, колеги, дами и господа, денес зборуваме за најважниот ресурс на едно општество, а тоа се луѓето. Најпрвин, дозволете ми да изразам искрена благодарност до Обединетите нации, до Фондот за население- УНФПА и до нивната канцеларија во Скопје, за континуираната поддршка, соработка и визија.

Вклученоста на оваа меѓународна организација ни овозможува да ги гледаме предизвиците и решенијата низ поширока перспектива, да учиме од светските искуства и заедно да создаваме политики кои ќе донесат промени.

Она што денес го промовираме е петгодишна програма која ќе ја спроведуваат Владата и УНФПА. Оваа програма не е само документ или формалност, туку е план за дејствување- визија и стратегија која ќе се реализира со конкретни активности, насочени кон иднината на нашата држава и нашите граѓани. Кога зборуваме за ресурси, често споменуваме рудни богатства, финансии, инфраструктура, енергенси, води или природни богатства. Сето тоа е значајно. Но, најважниот ресурс, ресурсот кој ги движи сите други, тоа е човечкиот капитал.

Нема градинки без деца. Нема училишта без ученици. Нема универзитети без студенти. Нема спорт без спортисти. Нема земјоделие без земјоделци. Нема општини без граѓани. Нема економија без работна сила. Нема потрошувачка без потрошувачи. Нема ништо без луѓето. Нема ништо без народот и без демографијата.

Демографската рецесија не е нов феномен, таа трае повеќе од 70 години. Од 1950 година па до денес бројот на новородени деца постојано опаѓа. Во 1950 година во Македонија имало над 50.000 новородени бебиња. Во 2024 година имаме само околу 16.000 новородени бебиња.

Овој пад има две главни причини: прво, иселувањето на младите луѓе и второ, намалениот наталитет и фертилитет. Владата е свесна за сериозноста на ова прашање и веќе работи на неколку линии. Создадовме највисок економски раст на Балканот- тоа значи нови работни места, поголеми плати и поголеми можности за младите. Инвестираме во иднината на семејствата: шест бесплатни обиди за ин витро оплодување, со забрзана процедура, сето тоа на товар на Фондот, зголемивме од три на шест. Бесплатни учебници за учениците- затоа што образованието е темел на демографскиот раст. Нови градинки во повеќе градови- за да им помогнеме на родителите. Поддршка за мајките, за децата и за семејствата, преку нови социјални и економски мерки.

Овој проблем не е изолиран само кај нас. Денес со него се соочува целата Европа и пошироко-  Балканот, Европската Унија, САД, Канада, Австралија, Источна Азија. Она што е симптоматично е дека дури и најразвиените и најбогатите земји се најмногу погодени.

Ова уште повеќе ја нагласува важноста на политиките и мерките кои се носат. На крајот мора да кажеме, нема ништо поважно од семејството. Семејството е темел на едно општество, тоа е првата и најважната поука во животот. Децата не се само нашата љубов и радост, тие се нашата иднина и нашето постоење. Да ја сакаме татковината и тој патриотски чин значи да имаме повеќе деца. Да бидеме родители, да создаваме иднина и да веруваме во неа. 

Сакам да додадам една кратка анализа; според последниот попис сме над 1,8 милиони жители. Имаме отприлика над 700 илјади редовно вработени и околу 350 илјади пензионери. Реално присутно население според сите проценки не надминува од 1,5 милиони. За 20 години се плашам дека ќе бидеме држава под 1 милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер еден вработен. Тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд. Секој оној кој што си игра играчки и кој што ова не го разбира, колку е ова озбилно, не и мисли добро на државата. Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни Влади, а тоа се многудентни семејства. Јас би сакал кон сите македонски граѓани да упатам јасна порака- формирањето семејство, формирањето многудентно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина. Без разлика на верската, на едничката припадност- многудетното семејство значи иднина.  

Оваа програма е потврда дека не сме сами, дека имаме пријатели и партнери во светот, но и дека одговорноста е на сите нас, да ги сочуваме нашите луѓе, да ги поддржиме младите, да го зачуваме семејството и да ја обезбедиме иднината на Македонија. Времето е сега.

А иднината е во нашите деца. Ви благодарам.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons