Мицкоски: Мојот нов мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе го посветам на подобар живот и услови за секој граѓанин, ќе има промени и во партијата
На конгресот во Кавадарци ќе бидат донесени неколку стратешки документи, со коишто ќе треба да ја моделираме иднината на партијата и нормално како најголема политичка партија во државата, тоа секако ќе има и ефект врз работењето на Владата, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата ,,360 Степени“ на МТВ.
Претседателот Мицкоски истакна дека ова е негов трет мандат, потсетувајќи се дека официјално ја презел партијата во една тешка и сложена состојба, но дека успеал да ја консолидира партијата и да издвојува убедлива победа на парламентарните, претседателските и локалните избори.
Јас официјално партијата ја зедов од 2018-та година во една многу тешка и сложена ситуација, во едни многу тешки и сложени околности за Македонија и генерално за граѓаните. Ако мојот прв мандат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ го одбележа времето на консолидирање, реструктурирање, и прегрупирање на внатрешните редови, потоа тоа продолжи во вториот мандат кога партијата победи убедливо на парламентарните и претседателските избори, на крајот на првиот мандат победивме убедливо на локалните избори, и враќање во позиција во која денес се наоѓаме да биде ВМРО-ДПМНЕ најголемата партија и веќе година и половина носител на владата, рече тој.
Претседателот Мицкоски нагласи дека овој трет мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ очекува да го одбележи периодот на големи реформи и подобар живот за граѓаните во државата.
Очекувам третиот мој мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ да го одбележи периодот на големи реформи и подобар живот за граѓаните во државата, потенцираше Мицкоски и додаде дека ќе има промени во партијата.
Сè уште не сум размислувал за какви промени ќе има после конгресот. Фокусирани сме на конгресот и на тоа што таму ќе го донесеме одлуки и за функционирање на партијата. Но, дека после конгресот ќе има промени во рамки на партијата, да ќе има, дециден е тој.
Во однос на имињата кои се спомнуваат за генерален секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, Ивица Томовски и Драган Ковачки, Мицкоски кажа дека не би коментирал, но сите имиња кои се спомнуваат се личности коишто оставиле белег во рамките на партијата.
Не би коментирал сега за било какви имиња или за било какви би рекол поместувања во рамките на водството на партијата. Сите овие имиња коишто ги спомнавте се луѓе коишто оставиле белег во рамките на партијата изминатите години. Сите тие се прекрасни луѓе, тоа се мои пред сè другари и луѓе со коишто сме се бореле за да постигнеме и да издвојуваме победи на изборните циклуси, но и во секојдневни победи во предизвиците коишто ги имаме. Така што секој од нив е значајна алка во рамките на функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски.
За тоа дали се планира промени на потпретседателските места, Мицкоски потенцираше дека сè уште нема одлука со кои предлози ќе излезе пред Централниот комитет, мора прво да заврши конгресот, па потоа да донесе одлука.
Не сум донел конечна одлука за тоа кој идеи и кои предлози ќе излезам пред Централниот комитет откако ќе заврши конгресот. Најпрво првиот чекор, да ја добијам довербата на делегатите на конгресот, да бидам претседател на ВМРО-ДПМНЕ, па дури потоа ќе можеме да зборуваме за чекорите коишто ќе следат потоа, порача Мицкоски.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ



