Мицкоски: Исправена е неправдата, доделени национални признанија за врвни достигнувања во спортот
Почитувани претставници на спортските институции,
Почитувани гости, дами и господа,
Денес не зборуваме само за спорт.
Зборуваме за пожртвуваност.
Зборуваме за истрајност, за достоинство, за љубов кон татковината.
Денес, овде, ја исправуваме државата пред нејзините најгорди амбасадори-спортистите што со години наназад ја носеа Македонија во срцето и на грбот, на терените, арените и подиумите ширум светот.
Доделувањето на национални признанија за врвни достигнувања во спортот е повеќе од формалност.
Тоа е чин на длабока, искрена и заслужена почит.
Признавање на животен подвиг.
На луѓе кои не барале ништо, а дадоа сè.
Луѓе што ги претворија соништата во резултати, а резултатите во национална гордост.
Со оваа одлука, државата воспоставува нов принцип-дека врвниот спортски успех мора да се вреднува не само во моменти на еуфорија, туку и во текот на цел живот.
Токму затоа овие признанија се доживотни.
Тоа е конкретен израз на почит и благодарност, а не симболика.
Драги пријатели,
Не го правиме ова од куртоазија, туку од силно убедување.
Од уверување дека државата која не ги цени своите херои, полека ја губи и својата душа.
Државата не смее и нема да го заборави никого којшто донел слава и чест, и ја промовирале истата.
Овие 22 признанија се само почеток.
Почеток на една нова политика, нов систем на вредности, во кој спортот не е само натпревар, туку образец.
Затоа што, ако спортот нè научи нешто, тоа е дека ништо не доаѓа преку ноќ.
Дека успесите се плод на долги и тешки патеки.
И токму затоа, денес сме овде-да ја исправиме државата пред оние што одамна ја заслужиле оваа чест.
Истовремено, ова признание не е само награда за минатото, туку и порака за иднината.
За сите млади таленти кои денес се на животен крстопат!
Кои се прашуваат дали вреди да се жртвуваат, да го дадат целото свое време, енергија и срце за спортот и за својата татковина.
Со оваа награда, им подаваме рака и им порачуваме: Македонија ќе биде тука за вас.
Ќе ве препознае, ќе ве поддржи и во рамките на своите можност ќе ви се оддолжи-токму како што денес им се оддолжуваме на оние кои веќе го испишаа своето име со златни букви.
Почитувани добитници,
Во ваше име се интонирани химни, развеале знамиња, испишани спомени што ќе траат вечно.
Денес, се обидуваме преку овој скромен настан да вратиме со достоинство.
Со признание што ќе остане-како траен белег за траен придонес.
Ќе продолжиме да вложуваме во спортот, во рамките на своите можности.
Да градиме услови, но уште поважно-да градиме систем на вреднување, каде што успехот нема да се заборави, а вложениот труд ќе се враќа со почит.
Од мое име и од името на Владата, Ви честитам.
Ви благодарам.
Да живее спортот и бог да ја благослови Македонија.