Мицкоски: Извештајот на ГРЕКО е признание за напорите на Владата во борбата против корупцијата, ќе продолжиме уште пожестоко
Почитувани, во продолжение обраќањето на премиерот Мицкоски на денешата седница на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам:
„Почитувани членови на Комитетот,
Почитувани претставници на институциите,
Дами и господа,
Работата на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам има особено значење за стабилноста, безбедноста и отпорноста на државата. Денешната седница ја третираме не само како координациска, туку како суштинска точка во еден поширок напор: напор да создадеме систем што ќе ги препознава ризиците на време, ќе реагира ефикасно и ќе обезбеди долгорочна заштита на граѓаните.
Насилниот екстремизам и тероризмот не се само закани по безбедноста- тие се индикатори на подлабоки слабости во системот. И затоа борбата со нив не може да биде изолирана, туку мора да се води паралелно со јакнење на институциите, на правната држава и на јавната доверба.
Воедно во оваа прилика дозволете ми да се осврнам на една блиска, но многу важна тема. Тоа е борбата против корупцијата.
Кога ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, најдовме институции заглавени во мрежа од злоупотреби, клиентелизам и системска корупција.
Корупцијата не беше појава- беше правило. Правдата беше селективна. Владата беше сервис на моќни интереси, а не на граѓаните. Тоа беше сликата која ја наследивме. И затоа, една од првите и најрешителни борби што ја започнавме беше токму борбата против високата корупција.
Во таа борба, денес имаме и прва поголема потврда од меѓународната заедница.
По години на институционален мрак, извештајот на ГРЕКО кок вчера беше објавен е сигнал дека Македонија се движи напред, кон систем што функционира.
ГРЕКО потврди: Македонија ја напушта ерата на селективна правда и политичка недопирливост.
Со затворањето на постапките за усогласување, Групата на држави против корупција на Советот на Европа испрати јасна порака: дека постојат видливи резултати, конкретни подобрувања и силна политичка волја за прекин со старите практики.
Ова не е само административно признание- ова е институционална пресвртница.
Првпат по долго време, државата не е предмет на критика, туку на признание за сериозен напредок во борбата против корупцијата.
Тоа ни дава поттик, но уште повеќе носи одговорност.
Борбата против корупцијата не е декларација туку системска промена што сега добива и меѓународна потврда.
Почитувани,
Знаеме дека екстремизмот, радикализацијата и насилството често цутат таму каде што државата е слаба, а институциите се корумпирани. Затоа, нашата стратегија е јасна:
градење на сигурна држава, со функционални институции, професионална полиција и отпорно општество.
Овој Комитет не е симболичен, туку оперативен инструмент. И очекувам од сите учесници, безбедносни, општествени, образовни и локални да дејствуваат координирано, без одлагање и без калкулации.
Продолжуваме со иста сериозност, без еуфорија, но со целосна трезвеност.
Затоа што борбата за стабилна, сигурна и правична Македонија не се добива со зборови, туку со дела.