Актуелно

Мицкоски: Започна изградбата на автопатот Тетово- Гостивар 

Денес, од овде-од срцето на Полог-го испраќаме најсилниот одговор на сите скептици и на сите што со години зборуваа, а ништо не направија: ние не ветуваме празно, ние градиме! Го започнуваме еден од клучните инфраструктурни проекти-изградбата на новиот автопат Тетово-Гостивар, во должина од 18 километри. И за сите други технички детали, но и финансиски детали јас нема да зборувам во моето обраќање денес бидејќи веќе од претходните говорници беше се кажано. Јас само сакам да споменам три работи коишто мислам се важни да се споменат и да се потенцираат. 

Првата работа е дека како земја којашто за жал не излегува на море, секогаш кога разговаравме во рамките на владата ни беше предизвик да изнајдеме која е нашата стратешка предност во однос на сите оние земји во регионот, но не и само во регионот туку и пошироко во Европа, и тогаш многу едноставно дојдовме сите заедно до еден заклучок, а тоа е дека како држава сме единствените можеби коишто имаат потенцијал да бидат дел од пан-европски коридори. Првиот е овој од кој денес се обраќаме, а тоа е Коридорот 8, вториот е Коридорот 10. Коридорот 8 којшто ги поврзува Јонското и Јадранското море со Црното море, Коридорот 10 којшто го поврзува во овој дел од Европа, средоземјието со Централна Европа, но и Коридор 11 којшто поминува во нашето источно соседство.

Со една отсечка којашто ќе ги поврзува Коридорот 10 и Коридорот 11, тогаш стануваме земја којашто ќе биде директно поврзана со сите пристаништа во овој дел на Европа и ќе биде значајна алка на она за коешто зборуваше и почитуваната амбасадорка на САД, г-ѓата Агелер, а тоа е значајна алка на јужното крило на најголемата алијанса во човештвото, а тоа е НАТО Алијансата. И затоа кога градите патишта, кога градите булевари, кога градите водоводни инсталации, кога градите канализации и училишта и градинки вие градите иднина. Ние денес градиме иднина, ние не зборуваме за минатото. Ние не сме заробеници на минатото. Ние сакаме денес да проектираме што ќе биде во 27-та, 28-та, 30-тата година.

Политичарите коишто имаат визија и коишто гледаат во иднината и градат вакви дела, тоа се политичари коишто ќе бидат запомнети и политичари коишто никогаш нема да излезат од колективната меморија преку своите дела коишто ќе ги остават на граѓаните. Овој пат ќе го возат и ќе го користат и Македонци и Албанци и турци и Срби и Власи и Роми и бошњаци и од други националности, туристи коишто ќе се упатуваат до нашите планински бисери, до нашите езерски бисери како што е Охридското езеро. И тоа е иднината на нашата заедничка татковина Македонија којашто сите си ја сакаме и почитуваме, но со дела. Само со дела можеме да ја сакаме и можеме да ја почитуваме.

Драги пријатели, оваа Влада не гради само автопатишта, оваа Влада гради и многу локални патишта, многу регионални патишта, магистрални, експресни, училишта, градинки. И дозволете ми денес втората моја порака е да се заблагодарам на сите општини без разлика дали градоначалникот во тие општини е од редовите на владејачките партии или опозицијата или се независни кандидати коишто се градоначалници, да се заблагодарам за нивната посветеност и тоа што сите општини повторувам се одзваа на вториот повик на Министерството за локална самоуправа и поднесоа проекти во вкупна вредност од речиси 16 милијарди денари со бројка поголема од 900тина проекти.

Тоа е многу голема работа на администрацијата, тоа е многу посветеност од страна на градоначалниците и јас им честитам. И ние како Влада ќе продолжиме да ги финансираме овие проекти затоа што денес како никогаш порано државата е едно големо градилиште. Замислете, во еден момент на повеќе од 1.200 локации ќе се гради. Кажете ми кога вон историјата се случувало тоа во оваа наша заедничка татковина? На повеќе од 1.200 локации ќе се гради. Ќе ве потсетам дека зимоска како ниту една земја во регионот се пуштија три големи и конструктивни градежни проекти. Едниот којшто го поврзува центарот со истокот на земјата и е дел од Коридорот 8 којшто завршува до Крива Паланка, вториот е којшто го поврзува центарот на државата, експресниот пат којшто ги поврзува Градско со Прилеп и ќе ве потсетам првата делница од пругата која треба да ја поврзе Македонија со нашиот источен сосед и којашто претставува историски, стратешки проект дел од Коридорот 8, а којшто е еден од најважните два коридори коишто имаат приоритет на НАТО Алијансата и за којшто за време на НАТО Самитот во јули минатата година во Вашингтон министрите за одбрана на земјите членки коишто се дел од овој регион потпишаа договор дека ќе биде нивен приоритет.

И последната моја порака денес пред да завршам е дека како Влада продолжуваме да се фокусираме на додадена вредност на квалитетот на живот на нашите сограѓани.

Нема подобар доказ за тоа од ова што денес сите ние го гледаме и ова коешто сите ние го градиме. Благодарност на сите колеги во Владата, благодарност до градоначалниците, благодарност до пратениците во македонскиот парламент, благодарност до нејзината екселенција амбасадорката на САД, г-ѓата Агелер, благодарност до директорот на Претпријатието за државни патишта, благодарност до Бехтел и Енка до секој еден работник којшто оставил дел од својата енергија во секое камче коешто ќе биде вградено во оваа делница. Вие сте најважните. Без вас ништо ова немаше да биде денес ниту пак ќе се случеше во иднината. Заедно да ја градиме иднината преку вакви проекти. Нека ние аирлија, и со среќа и уште многу вакви проекти заеднички да изградиме за доброто на нашите граѓани и Македонија. За Македонија да биде повторно горда и да биде повторно ваша, Ви благодарам“

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons