Актуелно

Мицкоски во Мала Преспа: Не сте сами- имате поддршка, имате иднина 

Почитувани браќа и сестри,

Драги пријатели од Пустец и Мала Преспа,

Денес, кога стојам пред вас, не зборувам само како претседател на Владата, зборувам како човек што верува дека една нација ја чини токму ова- врската помеѓу луѓето кои ја чувствуваат како своја, без разлика каде и живеат. И кога сме блиску и кога сме далеку, кога сме во татковината или надвор од неа- чувството, идентитетот, припадноста остануваат исти.

Вашето место во оваа приказна е посебно. Не само затоа што географски сме во различни држави, туку затоа што по сè друго сте длабоко во срцето на нашата татковина. Вие сте синоними за истрајност, за тивка лојалност, за истовремено достоинство и скромност. И кога никој не ве прашувал, и кога не ве спомнувале, вие останавте тоа што сте. И останавте лојални на државата во која живеете.

Во изминатите децении, многу работи се менуваа. Политики, влади, граници. Но вие останавте доследни. Овде, македонскиот јазик не е нешто што се одржува по навика, туку нешто што се пренесува со љубов. Овде, песната, обичаите, спомените, се дел од живото секојдневие. Токму затоа, постои чувство на длабока почит кога човек ќе дојде овде. Не од формалност, туку од убедување.

Жалам што пропагандите што го следат Македонецот низ историјата не ве заобиколија и вас. Ги видовте, ги почувствувавте, ги живеевте, преку замени, преку притисоци, преку тивки, но упорни обиди да се разниша она што е ваше. Но уште повеќе, горд сум затоа што не потклекнавте. Не ја прифативте удобната заборавеност. Не се срамевте од себе. Не дозволивте никој да ви го дефинира идентитетот наместо вас. И за тоа- драги браќа и сестри, Ви се поклонувам.

Се вели дека една држава ја покажува својата зрелост преку тоа како се однесува со оние што не ѝ се во центарот. Ние, денес, сакаме да покажеме дека учиме од минатото. Дека сакаме да воспоставиме нов однос со вас- не декларативен, не симболичен, туку вистински. Со поддршка што ќе се гледа, со соработка што ќе се чувствува и со внимание што нема да згасне веднаш по оваа средба.

Свесен сум дека секојдневието овде носи свои предизвици. Но, исто така сум уверен дека има иднина за Пустец и за македонците во Албанија. Има иднина за секое дете што учи на мајчин јазик, за секоја фамилија што сака да остане овде, за секој млад човек што верува дека вреди да се остане свој на своето.

Затоа, како Влада, македонска Влада имаме одговорност- да бидеме поддршка, ваша поддршка. Во образованието, во културата, во економскиот развој, во сите форми на прекугранична соработка. Не како милост, туку како обврска. Не затоа што некој нè притиска, туку затоа што веруваме дека тоа е исправно.

Во оваа нова етапа, сакаме да ве гледаме како наши браќа и сестри; по род, по крв, по идентитет и по јазик. Да го слушаме вашиот глас, да работиме заедно, да бидеме присутни. И секој што живее овде- да знае дека не е сам.

Сакам младите во Пустец да пораснат со чувство на припадност што не се заснова на страв, туку на самодоверба. Сакам секој родител овде да знае дека вреди што го учи своето дете на мајчин јазик. Сакам да создадеме услови тука да се живее подобро, не со празни зборови, туку со видливи резултати.

Ова не е последна средба. Ова е нов почеток и прва од многуте. Затоа што нашата работа дури сега почнува. Ние не сме овде само за говор. Ние сме овде за врска што ќе се гради секој ден- со проекти, со програми, со политика што ќе допре до вас, како што вашата истрајност допре до нас.
Затоа, нека се слушне јасно: Ова не е граница- ова е врска. Ова не е далечина- ова е блискост. Ова не е фуснота во нечиј извештај- ова е глава во нашата национална приказна.

Пустец е доказ дека припадноста не се брише. Дека коренот останува, дури и кога над него дуваат силни ветрови. И дека постојат луѓе што не чекаат благодарност- туку само можност да продолжат онаму каде што другите би се откажале.

Ви благодарам што ја носите таа тишина исполнета со сила. Ви благодарам што останавте свои. И ви ветувам- оваа држава ќе знае да ви возврати со почит, со работа и со постојана поддршка.

Да живее секој кој со достоинство го чува својот идентитет.

Да живее заедништвото што не признава граници, туку само вистински вредности.
Во последно врме сведоци сме како се обидуваат да не негираат, да не прават модерни, да не бришат, да се обидуваат се она што е македонско да го оспоруваат. Но , она што јас денес го гледам пред мене во Пустец и она што го чувствувам за мене претставува огромна инспирација да продолжиме, да ги подржуваме Mакедонците секаде во светот и да покажеме дека ние сме Mакедонци со посебен, многувековен иднтитет кои што говорат на својот мајчин, Mакедонски јазик различен од сите останати јазици балкански.

Ние сме горди Mакедонци, сме биле и ќе останеме да бидеме Mакедонци. Мојата последна порака денеска е: знам дека сте вие лојални, чесни граѓани на Рeпублика Албанија, но сакам да знаете дека во мене како претседател на Владата во Македонија имате ваш брат, пријател кој што додека е жив и ја врши ова чест да биде претседател на македонската Влада е тука за вас и е подготвен да ви помогне за се она што вие мислите дека како македонска Влада може да ви помогне.

Македонија после долги години стагнација, после седум години национално понижување и ограбување од политичари кои што за наша среќа сега се минато, во овие 13, 14 месеци доживува и економска и национална ренесанса. И тука не запираме, ќе се бориме за секој еден од вас, да покажеме дека ние не сме ниту Срби, ниту Бугари, ниту Грци ; ние сме Македонци.

Ви благодарам за се што правите. Бог да ни ја благослови Преспа, Бог да ни ја благослови Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons