Мицкоски: Владата донесе Оперативен план за вработување вреден 40 милиони евра кој опфаќа над 16.000 граѓани
Еден од главните приоритети на Владата во овој мандат е зголемување на благосостојбата на граѓаните, намалувањето на невработеноста и креирање на мерки кои ќе бидат насочени кон балансиран и ефективен пазар на трудот.
Заедно се бориме за заедничка иднина, за подобар живот на граѓаните.
Да не се заборави дека се затекна хаос, работници кои не добиваат редовно плата, состојба на млади кои гледаат бесперспективност, индустриско производство кое бележи минусни салда и огромна инфлација.
Со ова се боревме секој ден оваа речиси една година работа на оваа Влада.
Затоа на последната седница срочивме оперативен план за вработување, мерки и програми кои ќе понудат работа и поддршка во работата вреден 40 милиони евра со кои ќе се опфатат над 16 илјади наши сограѓани.
Повторувам дека во оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат креирање на нови работни места и зголемување на вработеноста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош.
Согласно Оперативниот План за 2025 година предвидено е да се вклучат вкупно 16.057 невработени лица, од кои 12.537 лица во активни мерки за вработување, а 3.520 лица во услуги за вработување.
Со овој план се опфаќаат две главни точки.
Првата е директна поддршка за стартап бизниси на млади што и беше мое ветување за младите.
Втората работа е организиран пристап во сузбивањето на појавата на пожари особено присутен проблем во летниот период за што ќе се вработат 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините каде ќе има потреба, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво.
За прв пат државата ангажира толкав број на лица кои ќе помагаат во справувањето со пожарите откако го затекнавме девастиран целиот систем на справување со пожарите. На овој начин се подготвуваме за предизвиците кои следат ова лето и ги преземаме активностите со кои ќе бидеме подготвени.
Што се однесува до мерките за млади.
Очекувано е од вклучените лица околу 65% да бидат млади до 29 години, особено затоа што сите мерки се креирани првенствено да ја опфатат оваа категорија, а притоа постојат и такви мерки кои имаат за цел посебно да ја таргетираат оваа група на граѓани. Младите се ставени во фокусот со цел да се спречи одливот на мозоци и работна сила, бидејќи тие се иднината на државата и економските стратегии на секоја една сериозна држава треба да се градат врз темелот на можностите и капацитетите на младиот човек. Како дел од тој сет мерки би ги издвоиле, и ако дозволите накратко би ги дообјасниме;
– Поддршката за самовработување-невработени млади лица до 29 години која според проекциите има опфат од 720 лица. Со оваа мерка невработените добиваат поддршка да започнат или да формализираат сопствен бизнис, со услов да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка е 615.000 денари (неповратни средства за основање на бизнис) и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект.
– Понатаму поддршка за самовработување-здружување во ДОО кое е предвидено да опфати 400 лица од кои 220 млади до 29 години, која има за цел да овозможи невработените да започнат или да формализираат сопствен бизнис, при што невработените лица треба да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка изнесува од 861.000 денари до 1.230.000 денари (правен субјект од два содружника). Најнискиот износ од 861.000 денари се однесува на два содружника над 29 години, а највисокиот износ од 1.230.000 денари се однесува на два содружника до 29 години. Исто така може содружници да бидат лице до 29 години и лице над 29 години. Дополнително се предвидуваат и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект.
– Потоа за практикантство чија цел е да вклучи 1.352 млади лица до 29 години за стекнување практични работни знаења и вештини потребни за извршување работни задачи на одредени работни места, при што еден од предусловите е лицата да имаат минимум завршено средно образование.
– Младинскиот додаток за 3.500 млади до 23 години кои ќе засноваат работен однос или се вработени во дејностите од областа на производството. Оваа мерка е насочена кон зајакнување на капацитетите на стопанството со намера поттикнување на ангажирање на младите лица до 23 години за вработување во дејностите на производството по завршување на средното образование, со што ќе се придонесе до подобрување на нивниот животен стандард со работа и задоволување на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила. Висината на финансиската поддршка изнесува 3.000 денари месечно по вработено лице.
И секако други проекти и мерки за вработување на младите лица содржани во годишниот оперативен план.
Освен тоа што фокусот на Оперативниот План за 2025 е посебно насочен кон млади до 29 година, дополнително со него се помага и на долгорочно невработените лица, корисниците на гарантирана минимална помош и поддршка на други загрозени категории на граѓани. Дозволете ми таксативно да набројам дел од програмите и мерките:
Поддршка за самовработување (претприемништво)-невработени лица над 29 години која има потенцијал да опфати 610 граѓани;
Поддршка за вработување на лица со попреченост, со опфат од 150 лица;
Обука на работно место кај конкретен работодавач, со опфат од 245 невработени лица евидентирани во АВРСМ;
Обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот за 600 невработени лица;
Обуки за возачи за Ц, ЦЕ и Д-категорија за 200 невработени лица евидентирани во АВРСМ;
Но, и обуки за странски јазици, основни вештини за работа со компјутери и многу други мерки и програми.
Ги повикуваме граѓаните, правните субјекти и јавноста да се запознаат во целост со можностите кои ги нуди оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, да се запознаат со условите и бенефициите кои се нудат.
Оперативниот план има за цел да ја намали невработеноста и да го искористи целиот човечки капацитет на Македонија во насока кон развој на економијата и обезбедување на подобар живот на граѓаните.
Овој план е резултат на опсежна анализа на потребите на пазарот на трудот и потребите на лицата кои бараат работа.
Секој еден човек е значаен и затоа како Влада ќе се бориме да отвораме повеќе работни места, обезбедуваме работа и иднина на секој граѓанин тука, дома во Македонија.