Мицкоски: Без ефикасна и чесна даночна администрација нема силна економија и одржливи јавни финансии
„Почитувани даночни работници,
Почитувани претставници на Управата за јавни приходи,
Драги пријатели,
Голема чест ми е денес да ви се обратам вам, луѓето кои секојдневно ја носите една од важните задачи: да обезбедите стабилност, предвидливост и функционалност на системот. Без ефикасна и чесна даночна администрација нема ниту силна економија, ниту одржливи јавни финансии, ниту држава што може да планира стабилно и да инвестира во својата иднина.
Денешниот ден на даночните работници не е само професионален празник. Тоа е ден кога треба да говориме за дисциплината, знаењето, моралот и професионалноста. Ден кога се потсетуваме дека јавните приходи не се бројки на хартија, тие се плати на наставници и доктори, нови патишта, функционален здравствен систем, поддршка за компаниите, социјална сигурност за секој граѓанин.
Почитувани присутни,
Од јануари до крајот на октомври годинава, нето наплатата на даноците и социјалните придонеси достигна 3 милијарди и 600 милиони евра.
Тоа е за 260 милиони евра повеќе од минатата година.
Во првите десет месеци имаме:
раст на даночната нето наплата од над 6%,
раст на социјалните придонеси од речиси 15%.
Ова значи дека економијата расте. Активноста се зголемува. Компаниите работат. Платите растат. А со тоа растат и приходите.
Но, тие бројки зборуваат и за нешто друго, за довербата помеѓу државата и бизнисот. За довербата помеѓу институциите и граѓаните. За тоа дека кога државата работи чесно и предвидливо, граѓаните возвраќаат со дисциплина и чувство на обврска.
Навременото поднесување на ДДВ-пријавите за јануари – септември периодот 2025 година изнесува 95%.
Во споредба со 2024 година, кога изнесуваше 92%, ова е огромен чекор напред и уште поважно:
Навременото плаќање на ДДВ порасна на 81% од тоа што беше во претходните две години 76%.
Ова е доказ дека системот станува посилен, подисциплиниран и поефикасен.
Сите овие трендови не се случајни. Тие се резултат на вашата работа, вашата посветеност, процесите на дигитализација, подобрувањето на услугите, поактивна комуникација со компаниите, но и на стабилната економска политика која ја води оваа Влада.
Сепак, почитувани,
Ниту еден напредок нема вистинска вредност ако не го браниме од најголемата закана за секоја држава, тоа е корупцијата.
Затоа денес, пред вас, ќе бидам јасен.
Борбата против корупцијата не е политичка флоскула, не е реторика за прес-конференции. Таа е реална работа. Таа е обврска. Таа е услов за опстанокот на системот.
Како Влада, заедно со надлежните институции, воспоставивме јасни механизми:
Целосна дигитализација на процесите со цел да се намали секоја можност за злоупотреба;
Строга внатрешна контрола и следливост;
Нулта толеранција за притисоци, фаворизации и клиентелизам;
Јасни процедури и казнивост за секоја злоупотреба;
Подобрување на транспарентноста, бидејќи светлината е најсилниот непријател на корупцијата.
Во оваа борба, УЈП е клучна фронт-линија. Затоа што каде има корупција, нема доверба. Каде има доверба, државата е посилна и побогата. А каде нема доверба нема ни наплата, а каде нема наплата, нема ни држава.
Затоа ви благодарам што покажувате висока професионална етика, и ве охрабрувам да останете бескомпромисни. Државата стои зад вас. И ќе стои зад секој чесен човек во институциите.
Почитувани пријатели,
Успехот не се случува случајно. Тој е резултат на знаење, труд, дисциплина и чесност. А токму тоа го покажувате секој ден.
Како претседател на Владата, ви ветувам дека ќе продолжиме да инвестираме во вашиот капацитет, во подобри услови за работа, во дигитални алатки кои ќе го олеснат секој процес, и во политики кои ќе ја направат земјата уште поконкурентна.
Нашата цел е многу јасна силна економија, стабилни јавни финансии, праведно општество и држава во која даночниот систем е фер, ефикасен и целосно заштитен од корупција.
Секој ден правиме чекори во таа насока. А денес, јавно, ви се заблагодарувам за најважното, за вашата работа, за вашиот професионализам и за вашата совесност.
Благодарност за посветеноста и работата на директорката Елена Петрова.
И ќе ми дозволите на крај да посакам среќен ден на даночните работници.
Продолжуваме да градиме заедно – чесно, транспарентно и одговорно.



