Митева: Од 12 контролирани објекти со активна лиценца, до сега кај три е утврдено дека не исполнуваат услови по што следи забрана за вршење на дејност
Почитувани медиуми,
Дозволете ми да ви се заблагодарам на сите што сте присутни тука. Денеска одлучивме да имаме заедничка прес-конференција со директорот на Фондот за здравствено осигурување, господинот Сашо Клековски и директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Синиша Стојановски.
Ќе ја започнам оваа прес-конференција со информации коишто се актуелни и има промени од претходната вчерашна изјава којашто е дадена за извршените контроли од Државниот пазарен инспекторат.
Во моменти како овие, зборови не се доволни – но постапките мора да бидат.
Како што ветивме продолжуваме на дневна основа да ве информираме сите вас за констатираните состојби од теренската контрола на Државниот пазарен инспекторат во однос на лиценците на објектите.
Новите сознанија коишто ги имаме до овој момент се следни:
Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања. Доказите се јасни: од вчера направената контрола на 12 објекти со активна, важечка лиценца, до овој момент е утврдено дека 3 од нив не исполнуваат услови, односно минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење на дејност. За останатите 9 ве информирам дека сѐ уште е во тек проверката на документацијата и во текот на денот ќе излеземе со дополнителни информации. Во однос на ваквата состојба, веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење на дејност и сите казнени одредби коишто се возможни согласно закон ќе бидат преземени. На терен во секој момент овие денови се над 10 тима кои вршат контрола и во текот на денешниот и ќе продолжат и во текот на утрешниот ден. Ќе се проверат сите, до детал. Сакам да ја информирам и јавноста дека е направен и план и за проверка на оние кои немаат важечка лиценца, а работеле во минатото.
Она што се случи во Кочани не е само изолирана трагедија – тоа е симптом на расипан систем наследен од долгогодишна корупција. Ниту ќе замижуваме, ниту ќе заштитуваме. Сакам да истакнам дека ја разбираме фрустрацијата. Луѓето бараат правда и ќе ја добијат.