Министерството за здравство изнесе препораки за заштита од комарци
Светскиот ден на комарците се одбележува секоја година на 20 август. На овој ден во 1897 година, британскиот лекар сер Роналд Рос открил дека женските комарци од родот Anopheles се преносители на маларија. Ова откритие било клучно за разбирање и контрола на ширењето на болеста и му донело Нобелова награда за медицина во 1902 година.
Светкиот ден на комарците се одбележува со цел да се подигне свесноста за опасноста на болестите кои се пренесуваат преку комарци (т.н. векторски болести) како што се: зика, денга, чикунгуња, жолта треска, маларија и западно-нилска треска. Овој ден служи за едукација на населението за заштита од каснување од комарци и кои мерки да ги применуваат.
Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија ги препорачува следниве мерки:
Мерки насочени кон животната средина (намалување на популацијата на комарци и нивен престој во животниот простор на луѓето).
– Спречете го размножувањето на комарци во вашата средина:
-Не оставајте отворени буриња, канти, пловни објекти (чамци, кануа) и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница.
-Редовно чистете ги олуците за да се овозможи истекување на водата.
– Одржувајте ги чисти базените за капење, украсни базени, фонтани.
– Намалете ја можноста да бидете изложени на убоди од комарци:
– Користете миризливи свеќи, спирали, како заштитни репелентни средства додека престојувате во градина/двор.
-Користете специјални сијалици, фенери (спржување на комарците), апаратчиња кои со звук ги одбиваат комарците.
– Поставете заштитни мрежи на вратите и прозорците во домот.
– Одбегнувајте излегување и престој надвор од зајдисонце до зори, кога комарците се најактивни.
– Мерки за лична заштита од убоди на комарци
заштитете се себе си преку:
-Носење на светла, долга облека која ги покрива рацете и нозете, која ќе остава што помалку откриени делови од телото/кожата (долги ракави, долги панталони, чорапи, шапки).
-Применувајте заштитни средства (репеленти) во облик на лосион, стик, аеросол – спреј или крем за кожата и за облеката, кои ги одбиваат комарците.
– Мерки за заштита при патување во ендемски подрачја:
-Проверка на советите за патување од локалните здравствени власти.
– Вакцинација (каде што е достапна), на пример за жолта треска.
– Профилактичка терапија, како што е анти-маларична терапија пред и за време на патување (по совет од лекар).
– Патниците кои патуваат/престојуваат во ендемски земји, задолжително да употребуваат репеленти за време на престојот, а прозорците и креветите за спиење да се затворени со заштитни мрежи, импрегнирани со адекватен инсектицид.
– По враќањето дома, овие лица да бидат свесни за можното нивно заразување и да ја следат својата здравствена состојба. Доколку се појават симптоми на заболување, веднаш да побараат лекарска помош и да го известат докторот за престојот во предели каде што егзистираат болести кои се пренесуваат со комарци.
Раното дијагностицирање и навремен третман, можат да спречат појава на тешка форма на болест, која може да заврши со сериозно нарушување на здравјето и тешки последици или смртен завршеток.