Милевски: По успешниот настап во ЛН, очекуваме и добри квалификации за СП
Стандардно како и во минатото, селекторот Благоја Милевски го објави списокот и потоа се одржа прес-конференција на која го објасни изборот.
„На списокот се истите играчи кои го завршија циклусот на Лигата на нации. Поради повреда за жал некои играчи отпаднаа, повратник е Арон Илези, а и еден дебитант – Лука Станковски, кој со добрите игри е во добра форма во српското првенство и ќе се приклучи за одблизу да го видиме потенцијалот. Веќе е пракса да имаме четири голмани, на претходниот собир тука беше Алчевски, а сега е Илиев. Тие се најдоброто што го имаме во моментов“, започна селекторот.
Секако Милевски го коментираше и следниот квалификациски циклус. Тој се осврна на добриот настап во Лигата на нациите, посакувајќи добар настап и во квалификациите.
„Имавме и тоа како успешен настап во ЛН зад нас. Минатите квалификации за СП беа исто така многу успешни со второто место и историскиот бараж. Знаеме сите како минавме во баражот. Се надевам и сега ќе имаме успешен циклус квалификации за СП 2026. Пред Лигата на нациите имавме и добри евро-квалификации, освен натпреварот во Манчестер ние одигравме квалитетно во сите други натпревари и тоа беше темелник на оваа генерација.Нè очекуваат два натпревари со сериозни репрезентации. Првата е со Лихтанштајн кој го има нашиот респект, денес нема лесни натпревари и противници. Примарна цел е да победиме во Вадуц. Притисок носи секој меч. Никогаш Македонија, барем мојата не се поставила како фаворит, туку тоа го покажувала на терен. Според мене, во моментов не постојат аутсајдери, туку ние гледаме со максимална почит кон секоја репрезентација. Три дена подоцна нè очекува Велс, ривал кој на последните светски и европски првенства е редовен учесник. Има силен тим и тоа е сериозен предизвик во овие два натпревари. Секој натпревар е приказна за себе, за секој меч се подготвуваме посебно. Секогаш одиме да извлечеме максимум, а што ќе се случува на средбите никој не може да предвиди. Тоа е филозофијата на овој тим, одиме по максимум на секоја средба.
Добро е што јавноста очекува од Македонија секогаш да биде на највисоко ниво. Тоа значи дека поседувате квалитет, нешто ги тера луѓето да очекуваат повеќе од вас. За мене тоа е позитивно и само не мотивира дополнително“, изјави Милевски.
Македонија ќе се собере в понеделник во Скопје, ќе има мини-подготовки и потоа ќе отпатува за првиот меч со Лихтенштајн на 21 март. Четири дена подоцна на гости ни доаѓа селекцијата на Велс.