Спорт

Милевски заминува од кормилото на Македонија, ФФМ порачува: Потребна е нова енергија

Фудбалската федерација на Македонија потврди дека нема да му биде продолжен договорот на селекторот Благоја Милевски, на репрезентацијата и е потребна нова енергија и поинаков мотив за претстојните предизвици.

Популарните „рисови“ со нов предводник ќе бркаат пласман на Светското првенство во САД.

Договорот на Благоја Милевски заврши на 30. ноември, а од таборот на ФФМ попладнево соопштија дека нема да му биде понудена нова соработка.

„Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница донесе одлука да не го продолжи договорот на селекторот Благоја Милевски“– се вели во соопштението.

ФФМ ја искористи оваа прилика да упати искрена благодарност до селекторот Благоја Милевски и неговиот стручен штаб за посветената работа, професионалната соработка и постигнатите резултати, како и да му посака многу успех во понатамошната тренерска кариера.

Управниот одбор на ФФМ верува дека на македонската А репрезентација и е потребна нова енергија и поинаков мотив за претстојните предизвици, и дека новиот стручен тим ќе донесе „нов ветер“ во работата на тимот.

Што се однесува до името на новиот селектор, ФФМ најдоцна до 25. декември ќе донесе одлука за стратегот кој ќе седне на кормилото на „црвено-жолтите“.

Благоја Милевски стана селектор на Македонија во август 2021, под негово водство репрезентацијата забележа 18 победи, 14 нерешени резултати и 16 порази. Во овој период, Македонија успеа да се избори за два бараж дуели за пласман на Светско првенство, заврши како првопласирана во Ц сегментот во Лигата на нации и обезбеди настап во Б дивизијата во следното издание.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons