МЗТ Скопје по деветти пат е шампион на Македонија
МЗТ Скопје со 102-93 го победи Пелистер во Битола, ја доби серијата со 3-1 и ја по девети пат ја освои титулата шампион на Македонија.
МЗТ Скопје одигра сигурен меч во Битола, водеше во текот на целиот натпревар и на крајот заслужено го доби дуелот со 102-93. Немања Милошевиќ одигра фантастично прво полувреме во кое постигна дури 22 поени, кошаркарот на МЗТ Скопје едноставно не можеше да промаши. Тој беше главната причина што тимот од Аеродром на полувремето замина со предност од 56-51. Брзо на стартот во вториот дел МЗТ Скопје првпат дојде до двоцифрена разлика, поведе со 63-52, но Пелистерци направија серија од 11-2 и дојдоа на минус два поени. Но кога и да се доближеа, МЗТ Скопје повторно ќе се одалечеше. Во последниот период МЗТ Скопје имаше највисоки 15 поени разлика, 95-80 и тука беше јасно кој ќе биде победникот. Скопскиот тим рутински го приведе мечот до крајот, дојде до третата победа во оваа серија и до деветтата шампионска титула во историјата. Милошевиќ натпреварот го заврши со 31 поен, Војдан Стојановски и Роберт Рикиќ имаа по 17 поени. Во составот на Пелистер, Малешевиќ со 21 поен и Кесар со 19 беа најефикасни.