Мета нема да има повеќе „факт-чекери“?
„Мета“ ќе се ослободи од фактчекерите, драматично ќе ја намали цензурата и ќе препорачува повеќе политички содржини на своите платформи вклучително Фејсбук, Инстаграм и Тредс, информираше основачот Марк Цукерберг, пренесува„Гардијан“.
Во видео порака тој се обврза да го приоритизира слободниот говор откако Доналд Трамп ќе се врати во Белата Куќа и кажа дека почнувајќи во САД „ќе се ослободи од фактчекерите и ќе ги замени со пораки од заедницата слично како на платформата Икс“.
„Икс“ во сопственост на Илион Маск, се ослонува на другите корисници кои треба да дадат контекст и информации за спорни објави.
Цукерберг рече дека „фактчекерите биле премногу политички пристрасни и уништиле повеќе доверба отколку што креирале“. Тимовите за модерирање на содржините ќе се преселат од Калифорнија во Тексас „каде има помалку загриженост за нашите тимови“, рече тој, признавајќи дека промените во Мета филтрите ќе значат дека „ќе бидат фатени помалку лоши содржини“.
Мета има повеќе од 3 милијарди корисници глобално. Во својата изјава Цукерберг вели дека Мета ќе се ослободи од низа рестрикции за теми како имиграција и род кои се надвор од реалноста споредено со мејнстрим дискурсот, како и дека ќе работи со претседателот Трамп за отпор кон владите ширум светот кои одат против американски компании и сакаат повеќе цензура.
Тој рече дека во Европа има растечки број на закони кои ја институционализираат цензурата и прават да биде тешко да се изгради што било иновативно.