МЕПСО побара повисока цена на струјата за 68 отсто
Државната МЕПСО денеска ја достави пресметката на трошоците до Регулаторната комисија и побара зголемување на цената на струјата за 68 отсто.
Претходно истото го сторија и ЕВН ХОУМ, Електродистрибуција и МЕМО и со ова сите енергетски компании ги доставија пресметките на трошоците до Комисијата.
Заедничко за сите е што пријавија загуби и бараат зголемување на цената на струјата но во различна висина но засега не е познато колку бараат останатите компании.
Од МЕПСО информираат дека барањето за 68 отстотно зголемување на цената се должи на зголемените трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во преносната мрежа, кои се купуваат од слободниот пазар.
„ПРИЧИНИТЕ ЗА ВАКВОТО БАРАЊЕ СЕ ПОВЕЌЕСЛОЈНИ И НЕ СЕ ДОЛЖАТ НА ВЛОШЕНИ РЕЗУЛТАТИ ВО РАБОТЕЊЕТО НА КОМПАНИЈАТА, ТУКУ НА ОБЈЕКТИВНИ ПРИЧИНИ ВРЗ КОИ АД МЕПСО НЕМА НИКАКВО ВЛИЈАНИЕ“, НАВЕДУВААТ ОД МЕПСО.
Сега останува на регулаторите да пресечат кои од пријавените трошоци ќе ги прифатат и признаат и колкаво ќе биде зголемувањето на цената на струјата. Претседателот на Регулаторна, Марко Бислимовски, соопшти дека е извесно поскапувањето да биде над 10 отсто а тоа го припиша на Општините кои наместо од слободниот пазар се снабдуваат со струја директно од ЕВН Хоум и за само неколку месеци потрошиле енергија вредна 30 милиони евра.
Покрај цената на струјата во регулаторна се подготвуваат блок тарифите, кои ќе бидат три или четири, во зависност од количината на струја кое домаќинството ја потрошило и од кои исто така ќе зависи цената на струјата.
Новата цена треба да биде донесена во јуни, а да важи од први јули.