МВР открива детали: Башкими за 10.000 евра ги купил бодовите од Кожуф
Едно лице е лишено од слободна, а против седум лица е поднесена кривична пријава – ова е епилогот од истрагата за сомнителниот натпревар помеѓу Кожуф и Башкими од минатата сезона, кога клубот од Куманово со спорен гол во самиот финиш стигна до три важни бода.
Натпреварот од втората лига на Македонија помеѓу Кожуф и Башкими во мај месец се најде во фокусот на македонската спортска јавност откако гостите под чудни околности стигнаа до победа од 1-2.
Голот за победа беше постигнат во 94. минута, а домашните фудбалери и голманот практично стоеја и не се обида да го спречат тимот од Куманово да ја затресе мрежата.
Кожуф и Башкими негираа дека имало нешто нелегално или нефер, но полицијата после долга истрага денеска изврши претреси и личи едно лице од слобода, а против седум лица поднесе кривична пријава.
Од МВР откриваат дека Кожуф за 10.000 евра му ги продал бодовите на Башкими.
Претседателот на Башкими договорил средба со спортскиот директор на Кожуф, кој се согласил да прими и примил подарок во вредност од 10.000 евра, за себе и други лица.
Спортскиот директор на Кожуф потоа преку тренерот влијаел на тројца фудбалери за натпреварот да заврши во корист Башкими.
Во целост ви го пренесуваме соопштението на МВР:
„Денеска (15.08.2025) полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, по претходно обезбедена наредба од Основен суд Гевгелија, извршија претрес на две локации кај П.Ѓ. од Гевгелија, спортски директор на ФК „Кожуф“ од Гевгелија и по спроведена предистражна постапка, а по насоки на ОЈО Гевгелија, ОКП поднесе кривична пријава против Б.Х., претседател на ФК „Башкими“ од Куманово за кривични дела „измама“ по чл.247 ст.6 од КЗ, „неовластено давање на подароци“ по чл.253-а ст.4 од КЗ и „соизвршителство“ од чл.22 од КЗ, против П.Ѓ., спортски директор на ФК „Кожуф“ за кривични дела „измама“ по чл.247 ст.6 од КЗ, „неовластено примање на подароци“ по чл.253 ст.4 од КЗ и „соизвршителство“ од чл.22 од КЗ, како и против А.Ј., фудбалер на ФК „Башкими“, С.Г., тренер на ФК „Кожуф“, Б.К., Ј.П. и К.С., тројцата фудбалери на ФК „Кожуф“ за кривични дела „измама“ по чл. 247 ст. 6 и „соизвршителство“ од чл.22 од КЗ.
Имено, првопријавениот Б.Х. во својство на претседател на ФК „Башкими“, со намера за својот фудбалски клуб да оствари пласман во Првата македонска фудбалска лига или бараж за влез во Првата македонска фудбалска лига, на фудбалски натпревар одигран на 06.05.2025 во Гевгелија помеѓу екипите на ФК „Кожуф“ и ФК „Башкими“, ги довел во заблуда Фудбалската федерација на Македонија и останатите клубови- членки на федерацијата и ги држел и одржувал во заблуда со прикривање на факти што се однесуваат на лажиран спортски натпревар или наместен резултат на спортската игра, со неовластено давање на подароци на второпријавениот П.Ѓ. со намера истиот да ги запостави интересите на ФК „Кожуф“ и Фудбалската федерација на Македонија, што го организирала натпреварот, за да се постигне резултат кој не зависи од спортската игра и правилата на спортскиот натпревар, на начин што првопријавениот преку третопријавениот А.Ј. договорил средба и обезбедил телефонски контакт од второпријавениот П.Ѓ., на која средба присуствувале прво, второ и трето пријавениот, при што второпријавениот се согласил да прими и примил подарок од првопријавениот- пари во вредност од 10.000 евра, за себе и други лица. П.Ѓ. пак по примањето на наградата, преку С.Г. влијаел врз Б.К., Ј.П. и К.С., кои прифатиле да не покажат доволно ангажирање на натпреварот согласно со нивните спортски можности и фудбалската игра, запоставувајќи ги интересите на ФК „Кожуф“, а во корист на ФК „Башкими“, со што на натпреварот бил постигнат резултат 1:2 во корист на ФК „Башкими“ и со така освоените три бода им овозможиле на ФК „Башкими“ да се пласираат на третото место во Втората македонска фудбалска лига, со што се стекнале со можност да играат во бараж за пласман во Првата македонска фудбалска лига. Еден од пријавените по насоки на јавен обвинител е лишен од слобода за обезбедување дополнителни докази и спроведен во ОЈО Гевгелија за натамошна постапка“.