МВР: Од вторник тестирање на камерите на системот „Безбеден град“
Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека во рамките на проектот „Безбеден град“ од 20 до 31 јануари 2026 година ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор. Тестирањата ќе се реализираат секој ден, од 8 до 20 часот.
За време на спроведувањето на овие активности возилата на локациите на кои се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката.
Во првата недела од предвидениот период активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на град Скопје.
„Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности“, се наведува во соопштението.



