Марјан Начевски го доби случајот со РФМ на Арбитражниот суд на ЕХФ
Арбитражниот суд на ЕХФ донесе одлука во полза на поранешниот генерален секретар на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) кој се жалеше по добиената доживотна суспензија од РФМ.
На 7. мај 2021 година, РФМ донесе одлука за доживотна суспензија на Марјан Начевски поради навреди. Тој се жалеше на оваа одлука најпрво на РФМ, а откако жалбата му била одбиена, правдата ја побарал на Арбитражниот суд на Европската ракометна федерација. Арбитражниот суд на ЕХФ утврдил дека нема доволно причини за суспензија на Марјан Начевски, па донел одлука во негова полза по што тој ќе може повторно да работи во ракометот. Неговото соопштение ви го пренесуваме во целост: Почитувани спортски пријатели, Верувам дека поголемиот дел од вас се добро запознаени со минатогодишната одлуката на Првостепената дисциплинска комисија на РФМ да бидам доживотно суспендиран од ракометот во Македонија, повикувајќи се на член 21 од Дисциплинскиот правилник (“исклучување од РФМ може да се изрече само за најтешки престапи и ако настанале особено тешки последици па така останувањето на сторителот во РФМ штети на угледот на ракометната федерацијата и ракометниот спорт.”). Поднесов жалба против Одлуката на Првостепената дисциплинска комисија до второстепената, односно Комисијата за жалби при РФМ, меѓутоа истата ми беше одбиена како НЕОСНОВАНА, а одлуката на Првостепената дисциплинска комисија потврдена. Се двоумев неколку месеци околу понатамошните чекори, меѓутоа по иницијатива на семејството, луѓето од моето окружување и долгогодишните пријатели од европската па и светска ракометна сцена, во септември 2021 година, одлучив сепак правдата за целиот овој случај да ја побарам на Арбитражниот суд при ЕХФ (Европска Ракометна Федерација) во Виена. Оние кои ме познаваат, знаат колкав вљубеник сум во ракометот и колку се имам вложено себеси за афирмирање на македонскиот ракомет во светот, па дефинитивно не заслужив да го напуштам на овој начин. Помина безмалку една година, многу притисоци, нетрпение… но сепак пресудата пристигна – вистината победи. На 22.04.2022 година, Арбитражниот суд при ЕХФ во Виена едногласно ја донесе следнава пресуда:• одлуката со бр. 09-213/1 на Првостепената дисциплинска комисија на РФМ од 07.05.2021 година се прогласува за ништовна;• одлуката со бр. 10-227/1 на Комисијата за жалби при РФМ од 21.05.2021 година се прогласува за ништовна. Правдата можеби некогаш е бавна, но секогаш стигнува. Спортски поздрав,Марјан Начевски