Маркетите имаат рок до крајот на денот да ги додадат основните производи во „новогодишната кошница“, во спротивно ќе има мерки
Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески денеска кажа дека доколку до крајот на денот, сите маркети кои се пријавени за новогодишната кошница не ги додадат основните прехранбени производи, а ги има 700 во синџирот, тогаш Владата ќе биде принудена да оди со одлука и мерка што не е пазарно популарна.
Според Ристески, дел од маркетите се одзвале и веќе ги вклучиле основните прехранбени продукти во новогодишната кошница меѓу кои јајцата, маслото за јадење, шеќерот, млечните и месните производи.
„По укажувањето на Владата и на Министерството за економија и труд до сите трговци на мало, односно маркети да вклучат и дополнителни, основни прехранбени производи кои не беа влезени во кошницата да бидат намалени, меѓутоа им беа покачени цените, гледам дека се одзваа голем број маркети со дополнителни производи, па имаме околу 50 прехранбени производи, како млечни производи, односно сирење кашкавал, месо, месни производи, па масло, јајца, кафе, шеќер и така натаму. Со ова, мислам дека уште повеќе се комплетира новогодишната кошничка“ Тој нагласи дека до крајот на денот ќе се чека сите маркети вклучени во акцијата да ги стават основните производи со попуст од барем 10 проценти. Доколку не го направат тоа, најави, ќе има непопуларни владини мерки и одлуки.
„Пазарната инспекција ќе биде нон-стоп на терен. И доколку до крајот на денот тоа не се случи во сите маркети кои се пријавени за новогодишната кошница, а ги има 700 во синџирот, тогаш Владата ќе биде принудена да оди со одлука и мерка што не е пазарно популарна, но ќе мораме за да го заштитиме стандардот на граѓаните во овој период околу Нова Година и празниците“, изјави Ристески.