Макрон: Предложените европски воени сили во Украина ќе можат да дејствуваат ако Русија ги нападне
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека предложените европски воени сили, кои на крај ќе бидат распоредени во Украина, врз основа на потенцијален мировен договор, би можеле „да одговорат на рускиот напад“ доколку Москва го почне.
Макрон ова го изјави по разговорот со претседателот на Украина Володимир Зеленски, пред самитот во Париз на кој претставници на триесет нации утре ќе разговараат за предложените сили за Украина, кои францускиот претседател предлага да бидат распоредени „во важните градови“ и други места.
„Доколку повторно има општа агресија врз територијата на Украина, овие борбени сили, всушност, би биле нападнати и потоа ќе следи нашата вообичаена рамка на ангажман“, рече Макрон, додавајќи: „Нашите војници, кога се вмешани и распоредени, се таму за да реагираат и да одговорат на одлуките на врховниот командант и, доколку се во конфликтна ситуација, да одговорат на неа“.
Макрон, во тандем со премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, инсистира на создавање коалиција на земји што се подготвени, на еден или друг начин, да го поддржат распоредувањето на воена сила во Украина, со цел да се обезбеди траен мир со одвраќање на Русија од идејата повторно да ја нападне таа земја.
Макрон не прецизираше каков одговор замислил во случај на руски напад.
Тој рече дека предложените европски трупи нема да бидат стационирани на линиите на фронтот во Украина „ниту ќе бидат вклучени првиот ден во соочувањето со руските сили“, туку „би биле војници што ќе ја одвратат Русија од повторен напад“.
„Со одржувањето на стратегиските градови, стратегиските бази, тоа ќе укаже на јасна поддршка од неколку европски земји и сојузници“, додаде тој.
Затоа, како што рече, „не сме на првите борбени линии, не одиме во битка, туку сме таму за да гарантираме траен мир“.
„Тоа е пацифистички пристап. Единствените што би иницирале конфликт, воена ситуација во тој момент би биле Русите – доколку одлучат повторно да започнат со агресија“, рече францускиот претседател.
Макрон утре наутро во Елисејската палата очекува 31 државна делегација, што е повеќе отколку што имаше првиот пат по истиот повод во Париз, пред еден месец. Ова, како што тврдат официјални лица од претседателската палата, е доказ дека создавањето коалиција за помош на Украина – со можност за испраќање војници во таа земја – добива на интензитет.
Меѓутоа, САД, предводени од претседателот Доналд Трамп, не покажуваат јавен ентузијазам за разговорите за создавање коалиција што потенцијално би испратила војници во Украина за да ја одврати Русија од нов напад, доколку се постигне договор за прекин на огнот.
Специјалниот пратеник на Трамп за Украина Стивен Виткоф ја отфрли идејата за распоредување европски трупи, па дури и потребата воопшто да се направи нешто такво.
„Тоа е комбинација на држење и позерство, комбинација што е поедноставена“, рече Виткоф во интервју со поранешниот новинар на Фокс њуз Такер Карлсон.
Европа не го дели таквото мислење, а коалицијата предложена од Макрон и Стармер се засновува на премисата дека по сето она што рускиот претседател Владимир Путин го направи во Украина од 2014 година (имено анексијата на Крим), не може да му се верува и дека европските трупи би можеле да помогнат да се спречи опасноста од потенцијален иден напад.