Макрон апелира Нетанјаху да ги прекине нападите врз Појасот Газа
Ова барање се однесува на сите страни, да се гарантира безбедноста на цивилното население од двете страни на Сината линија помеѓу Израел и Либан, посочи Макрон.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон во денешниот телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара Израел да ги прекине нападите врз Појасот Газа и да се врати на примирјето.
-Го повикав израелскиот премиер да ги прекине нападите врз Газа и да се врати на примирјето, кое Хамас треба да го прифати. Потенцирав дека веднаш треба да продолжи испораката на хуманитарната помош, објави Макрон на платформата Икс.
Прекинот на огнот, што стапи во сила на 19 февруари, по 15 месеци војна и овозможи неколкунеделен релативен мир во Појасот Газа беше прекинат на 18 март кога Израел продолжи со бомбардирањето и копнената офанзива на палестинската територија.
Висок функционер на Хамас вчера изјави дека палестинското движење го прифатило новиот предлог за прекин на огнот во Појасот Газа, претставен од посредниците, повикувајќи го и Израел да го прифати.
Макрон, исто така, го повика Израел строго да го почитува прекинот на огнот во Либан, каде што Израел во петокот го бомбардира јужниот дел на Бејрут, првпат по четиримесечен прекин на огнот.
-Ова барање се однесува на сите страни, да се гарантира безбедноста на цивилното население од двете страни на Сината линија помеѓу Израел и Либан, посочи Макрон.
Макрон пред два дена имаше средба со претседателот на Либан, Џозеф Аун во Париз.