Македонците од Бугарија со порака до Јотова: Денеска требаше да дојдете во Мелник, а не во Охрид
Бугарската вицепретседателката Илјана Јотова денеска требаше да дојде во Мелник на семакедонскиот собор организиран од седум организации на бугарски државјани со македонска самосвест, за да ги види стотиците Македонци кои наспроти дождот сепак дојдоа да му оддадат почит на Јане Сандански, се вели во реакцијата на организаторите на семакедонскиот собир по повод 107-годишнината од смртта на пиринскиот цар.
„Да ги види Македонците во Бугарија за кои ниту чула ниту видела. Истите оние кои нејзината држава некогаш ги признавала. Истите оние, кои нејзината држава со децении ги дискриминира. Истите оние кои веќе 32 години се мачат да регистрираат организации и партии во Бугарија. Истите оние поради кои Бугарија е веќе 14 пати осудена во Стразбур. Истите оние за кои пишуваат сите меѓународни извештаи за правата на човекот за Бугарија, вклучително последниот на Стејт департментот. Истите оние кои повеќе од деценија попусто бараат средба со нејзиниот шеф – претседателот на Бугарија, кој ниту наоѓа време да ги прими, ни да им одговори. Можеби треба да го праша Румен Радев, или заедно да прашаат во канцеларија или архива, кој таму ги крие писмата на овие Македонци, та бугарскиот вицепретседател да не знае ништо за нив“, се вели во реакцијата на организаторите на денешниот семакедонски собор во Мелник.