Македонски филм за првпат на Нешнл џиографик: „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска го откупи светски познатата телевизиска мрежа
Македонија повторно испиша историја во светската кинематографија. „Приказната за Силјан“ на двојно оскар-номинираната режисерка Тамара Котевска е откупен од „Нешнл џиографик докјументари филмс“, еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни остварувања. Филмот годинава ја доби „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм на Биеналето во Венеција, предизвика овации на преполните проекции во Торонто, а стана и македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.
Откупот од Нешнл џиографик значи дека „Приказната за Силјан“ станува дел од глобалниот каталог на еден од најпрестижните дистрибутери на документарни филмови во светот. Филмот ќе стигне до публика во над 170 земји преку каналите на Нешнл џиографик и Дизни плус, со силна маркетинг и фестивалска поддршка. За македонски филм, ова е историски успех затоа што станува збор за институција која стои зад добитници на Оскар и Еми, а самиот факт што ја препозна „Приказната за Силјан“ е доказ за неговата универзална вредност. Паралелно со договорот со Нешнл џиографик, дел од правата ги превзема британскиот Догвуф, чиј каталог вклучува повеќекратни добитници на Оскар и БАФТА. Догвуф ќе биде задолжен за дистрибуцијата во Австралија, Јапонија и Полска.
Истовремено, Здружението на филмски работници на Македонија официјално го предложи филмот како годинашен македонски кандидат за Оскар за најдобар интернационален филм – уште едно признание дека визијата на Котевска ги надминува границите и отвора ново поглавје во историјата на нашата кинематографија.

Како македонски кандидат за Оскар, „Приказната за Силјан“ веќе предизвика значајно внимание на светската сцена. Филмот беше вклучен меѓу најдобрите 15 остварувања според „Индивајр“ и „Холивуд рипортер“. Иако на Венецискиот фестивал беше прикажан во селекцијата „Аут оф компитишн“ – програма каде учествуваат реномирани автори како Херцог и Софија Копола, сепак успеа да освои специјална награда.
„Уште како мала, ‘Нешнл џиографик’ ми беше омилена литература. Статиите и приказните од овој магазин ме инспирираа да станам документарист. Сонував да ги доживеам авантурите и предизвиците на нивните автори. Сега, кога токму тие го купија мојот филм, тоа е остварување на најголемиот сон. За мене, ова е најголема потврда дека филмот е веродостоен и дека неговата приказна е релевантна на светско ниво. Сето ова ни дава надеж дека филмот ќе има уште поголем одек во следната фаза на оскаровската трка, но нè задолжува и на сериозна работа“, изјави Тамара Котевска.