Спорт

Македонски навивачи држени четири и пол часа на хрватска граница, се барале знамиња со сонцето од Кутлеш 

Македонските навивачи, популарната фаланга, непријатно беа дочекани на првиот ден од Светското првенство во ракомет во Хрватска.

На самата граница, хрватската полиција ги двоеше македонските навивачи настрана и ги претресуваше до гола кожа, а автомобилите беа детално прегледувани. Најчестите прашања беа: „Дали носите провокативни знамиња?“. 

– Навивачите беа задржани околу четири и пол часа на границата. Баш беше малтретирање и баш беше непријатно да ја гледаме таа слика, така што беше многу изненадувачки и многу непријатно, зашто секогаш сме имале многу убави релации и односи со Хрватска. 

Нашата екипа исто така беше запрена. Прво што не прашаа е дали имаме било што со Голема Македонија. Откако кажавме дека сме телевизиска екипа, бевме брзо пропуштени.

Во Вараждин, градот домаќин, иста слика, полицијата беше насекаде: во фан зоната, пред салата, автобусите на навивачите исклучиво мораа да се движат со полициска придружба.

На влез во салата се вршеше детален претрес, дали се носи старото државно знаме со сонцето од Кутлеш.

– Бараа значи знамето од Кутлеш. Тоа беше фокусот, а кој имаше знамиња, значи ги одземаа знамињата. Второ, прашуваа дали имаме смештај, каде сме сместени, а со лоцирање на адреси, потоа дали имаме карти. Дури и автобусите имаа полициска придружба, значи од границата до локацијата каде што бевме сместени.

– Така, не знам сега чија е грешката, дали наша или на организаторот. За секој натпревар, европски, било кој фудбалски, кошаркарски, ракометен, на секој билет пишува што е дозволено, што не е дозволено. Верувам дека на билетите пишуваше пред да се земат дека имаме забрана да носиме знамиња, што никаде во светот го нема. Тоа си е наше национално знаме, државното си е државно, ова си го чувствуваме како своето национално знаме и не верувам на кој му претставува проблем тоа знаме. Имаше проблеми, одземање, не одземање, ама се виде во салата дека моќта на Македонецот не може никој да ја спречи. Знамето си е наше и ќе си го носиме, на кој му смета може слободно да се љути, а ние никого не навредуваме со тоа знаме, тоа си е наш симбол, едноставно како секој народ што си има свои симболи, така и ние си имаме.

Но покрај сè, македонската фаланга најде начин да внесе доволно знамиња. Со одлична кореографија и громогласно навивање ги бодреа избраниците на Кире Лазаров и беа вистинска атракција на првенството. 

Можеби македонската фаланга, македонските навивачи имаат проблем на хрватската граница, но немаат проблем да ја водат својата омилена репрезентација, за кого? За Македонија.

На крајот, Македонија ремизираше со Унгарија 27:27 во борбена игра и огромна поддршка од македонската фаланга, која не попушти пред хрватската полиција. На крајот доби честитки од полициските службеници. 

Од Светското првенство во ракомет во Вараждин, Хрватска, Кирил Стојанов и Александар Блажевски

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons