Македонија уште далеку од воведување четири дневна работна недела
Моделот „четири работни денови, а плата како за пет“, започна да се имплементира во развиените економии, со цел поголема продуктивност и решавање на проблемот со недостаток на работна сила. За воведување на ваков модел кај нас се уште е рано, зашто македонската економија е кревка, а правата на работниците и платите се на незавидно ниво, сметаат од Гласен текстилец.
– Мислам дека сме далеку од тоа, бидејќи ние се уште се соочуваме со неплатена прекувремена работа за време на празник или во ден неделен одмор. Оттаму нели го инициравме и оној Закон недела неработен ден, коишто за жал не ги опфати трговските центри. Меѓутоа, тоа го прават држави коишто се свесни дека продуктивноста на работниците зависи од тоа колку се задоволни на работното место и колку имат одмор, колку се платени и слично, изјави Кристина Ампева „Гласен текстилец“- Штип.
И анкетираните граѓани се на иста линија, сметаат дека вакво нешто не би можело да се случи во блиска иднина, дури ни како експеримент.
– Не знам, во државата ништо не фенкционира како што треба, а за да дојдеме до тој степен, треба многу работи најпрво да се средат, па после тоа.
– Јас кога работев, работевме и во сабота, секоја сабота.
– Кај нас работниците не по 5, туку по 6 дена работат, а не пак 4. Тоа не е изводливо кај нас, барем сега за сега, со овие газди, во оваа држава, анкета штипјани.
Во земја со низок стандард, каде доминантни се трудоинтензивните дејности, воведувањето на 4 дневна работна недела е мисловна именка, е ставот на работодавачите. Меѓутоа, може да се донесе законско решение, кое на компаниите во одредени сектори, доколку сакаат, да им овоможи да го применат моделот.