АктуелноМагазин

Македонија во портокалова фаза, температури над 40 степени 

42 степени целзиусови достигна живата на термометарот во Скопје. Издаден е портокалов аларм за топлотен бран низ цела држава. Иако Владата препорача да не се излегува од дома и да не се работи на отворено од 11 до 17 часот, на плоштадот Македонија точно на пладне затекнавме повеќе работници од јавните претпријатија под Град Скопје – „Улици и патишта“ и „Комунална хигиена“. 

Граѓаните велат дека им пречи жештината, но наоѓаат начин како да се разладат.

Во исто време, туристи од други држави групно ги разгледуваа знаменитостите на главниот град.

И покрај тоа што плоштадот е полн, оние кои сакаат да се разладат или да се напијат вода тука, не можат да го направат тоа. Чешмите не работат, а доколку работат испуштаат толку малку вода што практично е невозможно човек да се напие. 

Од здружението за заштита при работа бараат конкретни мерки, а не само препораки од Владата. Дополнително, листата со ранливи категории треба да се ажурира оти не е Библија да се напише еднаш, велат оттаму.

„Ние можеме кога одиме во кафана да ставиме чадори, а кога станува збор за градежен работник не можеме да ставиме една платформа или чадор или некоја тенда. Тоа им било премногу скапо. Не, човековиот живот е најскап. Кога станува збор за препорака, нешто што му препорачуваш на некој, ама останува да може, ама и не мора или делумно да спроведе. Мене ми требаат насоки и правила кои би требало да бидат апликативни на секого.“ – Милан Петковски, МЗЗПР.

Според статистиката, во летните месеци се случуваат најголем број од незгодите на работа кои завршуваат фатално. Најзасегнати се градежните робтници и земјоделците. 

„Ако во ЕУ имаме 2 починати на работните места на 100 илјади вработени, ние во Македонија имаме 4. Тоа значи дека двојно е поголема шансата да загинете или потешко да се повредите на работните места. Овие директни и индиректни трошоци поврзани со несреќите на работното место не чинат 4% од БДП. Тоа преведено на оние кои ги разбираат парите е 460 милиони евра. Толку сме ние сиромашни колку штп не го користиме умот.“ – Милан Петковски, МЗЗПР.

Државниот инспекторат за труд вчера направил 90 контроли. Издадени се 12 решенија со наредба за почитување на препораките на Владата, а 26 фирми добија забрана за работа.

Горештините ќе продолжат и во следните денови, а освен Македонија, зафатени се државите од цел регион.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons