Лога не ги дава изводите со етничка графа, поднесе иницијатива до Уставен суд
Како што најави, министерот за правда Кренар Лога денеска до Уставниот суд достави десет Иницијативи во име на Министерството за правда и десет во свое лично име како граѓанин за поведување постапки за оценување на уставноста на прописи објавени во Службен весник спротивно на членот 52 од Уставот.
Уставниот суд донесе времена мерка за стопирање на одлуката на министерот за правда Кренар Лога за национална графа во изводите од матичната книга на родени. Додека не биде донесена конечна одлука на судот, дали Упаството ќе биде укинато, нема да се издаваат изводи во кои задолжително ќе треба да се наведе етничката припадност.
Мнозинството од судиите во оваа фаза беа согласни дека не бил испочитуван уставниот рок од 7 дена за објавување во Службениот весник.
Иницијативите на Лога се, како што вели, со цел да се гарантира уставноста и законитоста на прописите во државата и за сите да важат уставните рокови за објавување во Службен весник,
„На потег се почитуваните судии од Уставен суд од кои очекуваме да се произјаснат за Иницијативите со истата ефикасност, брзина и експедитивност како што постапија за Упатството за матичните книги на минатата отворена седница.
Во Иницијативите е наведено дека во изминатиот период воочена е објава на повеќе прописи за кои постои уставна обврска за објава во ,,Службен весник на Република Северна Македонија”, а кои се објавени во спротивност со членот 52 , односно не е почитуван уставниот рок од седум дена за објавување на прописите .
Од Уставниот суд исто така се бара по службена должност да ја испита уставноста на прописите за кои не е почитуван уставниот рок од седум дена за нивно објавување“, соопшти денеска министерството кое Лога го предводи.