Лицата со оштетен вид бараат поголема помош од државата
Под мотото „Ние сме слепи, а вие не нè гледате“, лица со оштетен вид од цела држава се собраа пред Владата. Од Здружението на слепи велат дека ова е втор пат за еден месец да протестираат пред зградата на извршната власт за да ги бараат своите права. Кризата најмногу ги погаѓа најзагрозените категории. Според нив, некогаш не е доволна ни ветената помош од антикризните мерки. Станува збор за околу 3.500 вакви лица. Бараат државата да им го зголеми месечниот надомест за 40 отсто, бидејќи поскапувањето на храната и струјата уште повеќе им го отежна животот.
„Парите што ги добиваме не се доволни, затоа вторпат бараме од Владата. Во моментов добиваме 12 илјади денари, не се доволни, тоа што го добиваме оди за струја и нешто за храна, ни 10 дена не крпиме. Ќе останеме овде додека не се исполнат нашите услови, тие мора да кажат – да“, рече Неџат Бајрами, слепо лице.
Од здружението бараат лицата со оштетен вид да добијат помош од 40% од просечната плата и нивните помошници да се исплаќаат со целосна плата, бидејќи 4-те часа во служба им се недоволни. Велат дека надлежните не гарантирале дека ќе им се обезбеди ортопедска опрема. За бел стап, термометар и мерачи за шеќер во крвта и за притисок сè уште плаќаат приватно.
Претставници на демонстрантите беа повикани на средба во Владата, но добија само ветувања. Од Министерството за труд и социјална политика, велат дека се потребни одредени законски измени во кои ќе учествуваат и засегнатите граѓански здруженија. Според нив, право на минимална загарантирана помош му следува само на семејство кое е материјално необезбедено и не поседува имоти и имотни права, од кои може да обезбеди приход.