ЛИДЛ заинтересиран да инвестира во Кисела Вода
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денес оствари работна средба со претставниците на „Лидл“ од претставништвата во Бугарија и Македонија.
Заинтересирани за достапни локации каде би можеле да се отворат маркети и регионален дистрибутивен центар, потенцијалните инвеститори, од градоначалникот ги добија побараните информации околу можностите и потенцијалите на општина Кисела Вода.
Тој им се заблагодари за пројавениот интерес и ги запозна со геостратешките погодности, вложувањата во подобрување на патната инфраструктура, но пред се, со новиот начин на водење на општината, кој овозможува развој на бизнис климата со посебно стимулирање на инвестициските процеси.
-Денес имавме прилично конструктивна средба со претставниците на “Лидл” од претставништвата во Бугарија и Македонија, кои пројавија интерес за инвестирање во општина Кисела Вода. Подискутиравме околу достапните локации на кои би можеле да се отворат маркети, но и регонален дистрибутивен центар на германскиот гигант кој е присутен секаде во нашето соседство, освен во Македонија. На овој работен состанок им ги презентиравме погодностите кои општина Кисела Вода ги нуди, како средина која има добра местоположба и развој кој одговара на потребите на оваа компанија. Задоволен сум што потенцијалните инвеститори ја препознале новата енергија со која функционира оваа локална самоуправа и ги согледале актуелните перспективи, инвестициските можности и новите проекти кои ги спроведуваме во различни области со цел унапредување на општината. Конкретно, инвестицијата би вредела неколку милиони евра и би значела вработување на огромен број лица. Вреди да се спомене и фактот дека вработените би имале плати кои се околу или над просечните во Македонија, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.