Лекари, пекари, мајстори… Компаниите не можат да најдат стручен кадар
Листата на дефицитарен стручен кадар е се поголема. Моментно, најмногу недостигаат градежни, машински и прехранбени техничари, но и натаму нема доволно пекари, плочкари, фасадери, водоинсталатери,… Во меѓувреме, изумираат некои од занаетите, како столарскиот, зашто процесите се автоматизираат, а тоа, пак, наметнува потреба од сосема нови, поинакви профили.
Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, околу 60 проценти од компаниите во земјава не можат да најдат соодветно квалификувана работна сила, додека само 2,5 отсто од возрасните вработени ги усовршуваат вештините.
Недостигот на кадри ја зголемува и цената. Според Комората, месар зема 30 000 – 40 000 денари плата, а добро платени се и водоинсталатерите. Високи плати се нудат и за пекари, како и за потребните кадри во градежништвото.
-Околу 60 проценти од работодавачите имаат потреба од стручен кадар. На прашањето, зошто не можат да најдат работници, компаниите велат дека причината е во немањето стручни вештини кај кандидатите, немањето работно искуство или доволно пракса. Недостигот на соодветна работна сила не се случува само во одреден сектор, туку во повеќе. Секаде има недостиг на работна сила. Жално е и што многу од професиите полека исчезнуваат. Една од нив, која веќе не се прифаќа на пазарот на труд, е столарскиот занает. Тоа е така зашто пристапот за изработка на мебел е модифициран, а процесите се автоматизирани, па наместо столар се бара сосема нова квалификација – конфекционер или дизајнер на мебел, кој знае да работи со соодветни машини. Изумира и струката гипсер зашто не може да најде работа. Според потребите на пазарот, лицето треба да е гипсер – монтер, со две занимања, рече Наташа Јаневска од Стопанската комора.
Според неа, недостигот на квалификувана работна сила е проблем и во ЕУ.
-Преку 77 отсто од компаниите во ЕУ изјавиле дека имаат проблем да најдат квалификуван кадар со потребните вештини. Во 2021 и 2022 година работодавачите се соочиле со недостиг на работна сила за 28 занимања во неколку сектори, а некои од проблематичните се градежништвото, здравството, инженерството, како и ИТ, што покажува дека има неусогласеност меѓу она што се бара и она што се нуди на пазарот на трудот. Во однос на дигиталните вештини, 40 проценти од возрасните и 33 отсто од вработените во ЕУ немаат основни дигитални вештини, што значи дека на секое лице од 10 возрасни и секое трето лице вработено во компаниите во ЕУ нема соодветни базични дигитални вештини. Кај нас, само 15 лица учествувале во обука за дигитални вештини и тоа зашто морале, за да работат на автоматизирани машини, односно за да не ја изгубат работат, но не учествувале на обуки за да ги унапредат вештините, истакна Јаневска.
Според ЕВРОСТАТ, само 37 отсто од возрасните во ЕУ учествувале во процесот на обуки кои ги подигнуваат нивните вештини.
-Кај нас оваа бројка е многу поразителна и изнесува 2,5 отсто, потенцира Јаневска.
Нејзина оценка е дека менталитетот полека се менува, а тоа го потврдува и фактот што годинава две третини од учениците се запишале во стручните школи, а останатите во гимназиското и уметничкото образование. Таргетот сега, како што истакна Јаневска, треба да биде квалитетот на практичната обука и зголемувањето на часовите за пракса, учениците треба да го поминуваат поголемиот дел од времето во компаниите за да се запознаат конкретно со работниот процес.
Јадранка Аризанковска од Комората информира дека Европската комисија ја прогласи 2023-та како Европска година на вештини за да им помогне на компаниите, посебно на малите и средните претпријатија во изнаоѓање соодветни кадри, но и за да ја зголеми конкурентноста на работната сила. Во ЕУ, рече, се бараат веќе и т.н. зелени вештини, а дигиталната и зелената транзиција дополнително ќе отвораат нови работни места, со нови квалификации. Во фукост на ЕУ се и т.н. трансферзални вештини. Целта е две третини од работните места до 2030 година да се однесуваат на добра комуникција, критичко размислување, одговорност, точност, лидерство, работа со податоци, преземања ризици. Овие нови вештини, како што велат од Комората, ќе бараат и пофлексибилни образование.
-ЕУ во рамки на Европска година на вештини усвои социјални цели за 2030 година. Ќе се бара 60 отсто од возрасните да можат да учествуваат во обуки, а за дигиталните вештини процентот ќе биде 80 за да се подигне стапката на вработеност кај најмалку 78 отсто од населението на возраст од 20 до 64 години. Европската комисија го става фокусот и на преквалификација и доквалификација, зашто доживотното учење е многу важно, на истражувања и развој, подвлекуваат од Стопанската комора.